Она што вчера започна во Скопје и Куманово денес продолжи во Тетово, Велес и Охрид. Средношколците ја бојкотираат наставата во форма на протест против лошите реформи и бараат менување на истите.
Средношколскиот пленум најави радикализација на мерките за повлекување на новите предлози изминатата недела откако не се доби задоволителен одговор од страна на Министерството за образование и наука. По организираните средношколски марширања, средношколците преминаа на порадикални мерки, односно целосно бојкотирање на наставата.
Средношколците од скопските училишта „Кочо Рацин“, „Раде Јовчевски Корчагин“, „Никола Карев“, „Орце Николов“, „Васил Антевски Дрен“ и „Георги Димитров“, заедно со тетовските „8-ми септември“, „Кирил Пејчиновиќ“ и охридското „Св. Климент Охридски“ имаа алтернативна настава денес. Некои во ходниците, а некои во самите училници, решија да ги преземат работите во свои раце и да не им дозволат на наставниците да предаваат.
Бојкот на наставата денес имаше и во некои класови во гимназијата во Велес и во средното стручно училиште во градот. Се пишува дека кумановските средношколци се вратиле на настава во подоцнежните часови откако вчера ја бојкотираа наставата.
Наставничкиот пленум ја изјави својата поддршка за средношколците.
„Учениците покажаа дека разумот, а не возраста ја наоѓа мудроста, а храброста по секоја цена стреми да ја оствари целта. Во нивната бестрашност, налик на Мукиј Скајвола ја ставија раката на огнот, за да го одбранат созерцаниот образовен идеал. Добро учи оној кој добро разликува. Ние ги имаме најдобрите ученици. Им го подадовме категоријалниот апарат, за тие да не доведат до вистината. Да ни ја покажат разликата. Ја искажуваме сета почит и восхит за нивната спекулативна моќ, критичкиот дух и решителноста за доследност до познаената вистина. Тоа се, всушност, основите на возвишениот образовен систем. Тоа е воспитно образовната телеологија“, велат од Наставничкиот пленум.