X
 01.08.2024 Колумни

Колумна: Како да одбереш факултет во согласност со своите потенцијали и таленти?

Конечно завршив средно, започна летото, но и притисокот со прашањето: Каде на факултети? Каде ќе се запишеш?
Цело лето мојот одговор беше: Не знам...
Се ближеше крајот на август и повторно прашањето: На кој факултет се запиша?
Мојот одговор беше: Сѐ уште никаде.
Зошто?
Има време, сѐ уште не знам каде ќе се запишам.
Дојде и септември, но прашањата и одговорите беа прилично исти. Поминаа и роковите за упис на факултетите.
Го пречекав и октомври со истиот одговор: Не знам!

Што всушност се случуваше во мојата глава, внатре и надвор од неа?
Имав тајна љубов, толку тајна што, за жал, некако и се срамев од неа, како да ми беше незгодно да кажам која е таа моја љубов, ја криев толку умешно некој период.

Кога почна притисокот со прашањата за факултет, почнав да зборувам, понекој збор да изустувам на некој што ќе прашаше. Некогаш на моите родители или другарки ќе им кажев дека ја љубам психологијата, но дека ме влече и бизнис-менаџмент. Веднаш по ова следуваше: Пфф, сакај си ја ти психологијата, ама тоа не е работа, не се таму парите, од што ќе живееш. Ама сакај си ја, убаво е тоа.

Си велев: Кога ќе научам за бизнисот, ќе запишам и психологија, таа љубов ќе си ја остварам, но не сега.
Во октомври се запишав на Американ колеџ. На приватен факултет не важеа рокови, сега не знам како е, ама тогаш така беше.
Со години се нервирав и се прашував дали погрешив, можеби не требаше да се запишам тука, па така со милион слични прашања се измачував себеси и со текот на времето некако ја оставив психологијата настрана, дури и ја заборавив некој период, па дури и пробував други различни едукации да учам со цел да се пронајдам себеси. Од архитектура, графички дизајн, моден дизајн, кодирање - цел еден циркус, но воопшто не се чувствував убаво, само се разочарував дека не се пронаоѓам во ништо.
И така дури и магистрирав на Американ колеџ. Па на 30 години се запишав на факултет за психологија и летав, летав од среќа кога го зедов индексот.

Ќе ги напишам моите совети за избор на факултет од свое искуство и од искуството од работата со клиенти кои се средношколци и студенти.
Вежба со 7 чекори кои можат да ти помогнат во изборот што можеш да ја направиш веднаш:
1. Пробај да се сетиш кога си бил/а мало дете, што си сакал/а да бидеш кога ќе пораснеш.
2. Освежи го помнењето и запиши ги сеќавањата од најраното детство, па сѐ до овој момент, во што си уживал/а, кои активности си сакал/а да ги правиш или за што си сонувал/а во текот на твојот цел живот.
3. Размисли или едноставно прашај ги твоите блиски луѓе со кои често имаш контакт за што најмногу те бараат, те прашуваат или се консултираат за совет со тебе.
4. Направи листа со избор на факултети и запиши каква програма и предмети имаат.
5. Запиши ги на ливчиња титулите што би ги имал/а откако ќе го завршиш факултетот (дипломиран психолог/менаџер/економист/правник..).
6. Затвори ги очите и измешај ги ливчињата, а потоа извлечи едно ливче.
7. Кој идентитет ти се појави прв во мислите уште пред да извлечеш ливче?

Во мојата канцеларија често доаѓаат средношколци кои сакаат да си ги откријат своите таленти и потенцијали со цел да одберат факултет што ќе им одговара. Но, најчесто доаѓаат студенти кои се во тек на студии или веќе завршиле факултет.
Па затоа сакам да ви одговорам на најчестото прашање со кое се среќавам, а тоа е:
„Кога е идеално време да ја започнам потрагата по себеси, односно да дознам што е тоа што вистински би ме исполнило и е во согласност со мене, моите таленти и потенцијали?“
Во продолжение следува мојот одговор.
Ако си:
- средношколец и ти е важно да донесеш одлука за да се запишеш на факултет кој ќе биде во согласност со твоите вродени таленти;
- студент и не си сигурен дали си ја направил вистинската одлука за факултетот и се двоумиш дали да го продолжиш сегашното образование или да се запишеш на друг факултет;
- возрасна личност и сакаш да започнеш нова професија или да ја промениш сегашната;
тогаш идеалното време е кога навистина си подготвен/а да донесеш животна одлука и да преземеш акција како би живеел/а поисполнет и среќен живот.

Вистинскиот избор на факултет ти овозможува:
- Да се чувствуваш исполнето, корисно и продуктивно дека правиш нешто убаво за себе и за својата иднина;
- Учењето да ти биде со уживање, лесно и брзо, а со тоа ќе имаш повеќе време за многу други активности;
- Да имаш успешна и богата иднина работејќи го тоа што го сакаш.

Само 4 нешта можеш да изгубиш ако учиш факултет кој не те исполнува: време, пари, енергија и ментално здравје. Размисли и доколку имаш идеја што друго би додал/а, дополни ја листава.

Често се среќавам со средношколци и студенти кои го одбираат своето понатамошно образование анализирајќи која професија ќе им донесе повеќе пари. Забележувам и дека неретко се под влијание на околината, како што бев и јас. Она што го научив од моето искуство е: Парите се во професијата што ја сакаш и што те исполнува да ја работиш. Затоа, слушни што сака срцето да ти каже.

Автор: Сања Бошковска, неврометрист и професионален системски коуч во Центар за откривање природни таленти ﮼Вербаториа“

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни