X
 08.04.2015 Образование

Средношколците бојкотираат, професорите поделени во поддршката

Бојкотот во средните училишта во земјава продолжува, и тоа помасовно од досега. Бројот на училиштата во кои денес нема настава се зголемува, но притисоци се' уште има.


Во средното училиште „Никола Карев“ во Скопје средношколците мирно ја напуштаат наставата и седат во училиштето. Овие средношколци беа исфрлени од училиштето од страна на директорката вчера, но денес случајот е сосема различен. Утринава, директорката, професорите и психологот имале состанок заедно со средношколците на кои одговорните се обиделе да ги убедат учениците да се вратат на настава, но тие одбиле. Бојкотот продолжил мирно.

Во средното училиште „Здравко Цветковски“ настава има. Меѓутоа, голем дел од средношколците воопшто не се појавиле во училниците или пристигнале и заминале во текот на училишниот ден. 

Кога станува збор за училиштето „Георги Димитров“, поголемиот дел од учениците бојкотираат, но има и такви кои се плашат и чекаат во училниците. Професорите држат алтернативна или редовна настава со овие ученици. Средношколците велат дека поддршката доаѓа од страна на некои професори, но има и такви кои се закануваат со неоправдани изостаноци и парични казни за родителите, но поголеми притисоци нема. Вчера била одржана и родителска средба на која родителите биле информирани за ситуацијата и мирно се дискутирало за понатамошните случувања.

Настава нема ниту во гимназијата „Р.Ј.Корчагин“, кадешто средношколците ги користат училниците како места за алтернативни предавања и дискусии. Учениците не сакаа да изјават ништо во врска со можните притисоци врз нив и изјавија дека имаат забрана да коментираат за медиумите.

Имаме информации дека бојкот има и во „Кочо Рацин“, „Васил Антевски Дрен“, „Јосип Броз Тито“ и „Панче Караѓозов“ во Скопје, а бојкотот продолжува и во училишта во Велес, Тетово и Охрид. 

ГАЛЕРИЈА

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование