22.10.2020
Образование
Обезбедени таблети и превоз до училиште за следење настава за децата од селата во Македонска Каменица
Обезбеден е превоз за осум деца што живеат во селото Цера, како и за други двајца ученици што се запишани во училиштето за средно образование „Миле Јаневски Џингар“ во Македонска Каменица, информира директорот Круме Стојановски. Во училиштето има вкупно 10 ученици што немаат услови за следење настава на далечина, односно уред или силна интернет-врска, па поради тоа, тие имаат право да следат настава со физичко присуство во училницата додека професорот им предава онлајн на останатите ученици.
Факултети.мк веќе пишуваше дека ученици од Цера немаат добра интернет-врска и поради тоа имаат проблеми со наставата.
- Од донатори се набавени 200 таблет-компјутери, 150 за основното училиште и 50 за учениците во гимназијата. За наставниците помина набавката за 70 лаптопи кои ќе ги добијат - информира градоначалничката на Општината, Соња Стаменкова.
Превозот за децата, како што вели директорот Стојановски, ќе биде обезбеден почнувајќи од идната недела.
Во гимназијата во Каменица учат 146 ученици во сите четири години. И покрај просторните услови и малиот број ученици, ова училиште не доби дозвола за настава со физичко присуство.