„Само Никола Карев протестира, нема настава! За последиците не ви гарантирам“, им вели во видеото поставено на јутјуб директорката на средното скопско училиште „Никола Карев“, Горица Илиовска, на учениците што се собрани во холот на училиштето и ја бојкотираат наставата во знак на револт поради загадениот воздух. По нејзината изјава, учениците ја исвиркаа.
Видеото, кое е поставено на „Јутјуб“, го објави фејсбук-групата „Средношколски глас“.
Побаравме изјава од директорката на „Карев“ за да ја прашаме зошто им се заканува на учениците, но таа не одговори на нашите повици.
Став за однесувањето на директорката побаравме во Град Скопје и го очекуваме одговорот.
Поради наводните закани на директорите кон учениците, вчера изјава имаше и првата детска амбасада „Меѓаши“. Оттаму велат: „Учениците имаат право на мирен собир“.
- Се прашуваме кому му одговара младите да бидат на часови, да не го дигнат својот глас, да молчат, да не учествуваат во општествено-политичкиот живот, да бидат безгласни, мирни и никаде да ги нема, да го прифатат молкум неподносливото загадување? Учениците имаат право да се самоорганизираат низ неформални форми на здружување и акции и да се залагаат за правата пред институциите кон кои се однесуваат барањата. Младите имаат енергија и решителност да го бараат од државата она што им е неприкосновено право, а тоа е чист воздух и никој тоа не може да им го забрани и ускрати. Наместо да ги казнуваме, треба да ги охрабриме, поддржиме и да им обезбедиме простор во кој ќе можат да го изразат своето незадоволство од загаденоста на животната средина и што е најважно, да се потрудиме да им го обезбедиме правото да дишат! И да им се придружиме! Во другите европски земји наставниот кадар не врши притисоци за протестите што се одржуваат секој петок - Friday for future, напротив, во многу училишта и како предмет се воведуваат климатските промени и загадувањето на животната средина. Наставниот кадар треба да ги поттикне учениците да бидат дел од промената и да им дадат можност да ги изразат своите ставови и барања - велат од „Меѓаши“.
Од Министерството за образование и наука исто така нема охрабрувачка порака за бојкотот на наставата. Ова е ставот на МОН:
- Иако правото на протест е право на сите граѓани, сепак, примарна обврска на учениците е воспитно-образовниот процес и присуство на настава, каде што за време на обработката на теми од областа на животната средина имаат можност да дадат придонес, да го искористат својот потенцијал и креативност и да изработат предлог-проекти, мерки и активности за справувањето со овој предизвик и тие да ги проследат до надлежните институции.
Секое неоправдано отсуство на учениците од наставата се евидентира во педагошката евиденција која ја пополнуваат наставниците во училиштата. Така што, апелираме учениците да бидат внимателни при повиците за отсуство од наставата поради разни причини, бидејќи секој сноси лична одговорност за евентуалните последици по однос на поведението - велат од МОН.
Пратеничката во Собранието, Ивана Туфегџиќ побара казни за директорите што се закануваат. На Фејсбук напиша:
- Fridays for future ни биле драги гости и говорници во Собранието по повод Меѓународниот ден на демократијата. Прашањата кои ги адресираат надминуваат партии, препукувања и изборни кампањи.
Барам директорите и професорите да престанат со притисоци, како и казни за директорите од страна на Државниот просветен инспекторат за пријавените притисоци врз средношколците.
Средношколците пак да го пријават секој притисок извршен врз нив, без никаков страв од последици.
Времињата на притисоци и етикетирања се завршени, а политички актери и директори кои мислат дека сѐ уште можат да го прават тоа, припаѓаат во минатото.