Наставниците во договор со директорите на училиштата самостојно ќе одлучуваат дали ќе продолжат да ја вршат наставата од работното место – во училница или имаат услови да го прават тоа од дома, рече министерката за образование и наука Мила Царовска.
Одлуките ќе се донесуваат на ниво на колектив и Министерството за образование и наука нема да се меша. Целта е да се заштеди на греење на училишните објекти кога тоа не е неопходно, но и да се излезе во пресрет на потребите на наставниците.
Ова се однесува на наставниците од 4. до 9. одделение и за оние во средните училишта. Најмалите ученици од 1. до 3. одделение продолжуваат со настава во школо.