X
 12.04.2015 Живот

Одлики на паметните студенти

Сите поседуваат одредени таленти и вештини, но прашањето е дали сите знаат да ги искористат на правилен начин.

 

studenti


Како оние паметни студенти материјалот успеваат да го совладаат со леснотија, додека ние другите мораме да се потрудиме значително повеќе од нив за да постигнеме иста цел?

Верувајте, не постои никаква тајна - потребно е само да ги следите нивните секојдневни навики и да ја воочите разликата.

Постојано учат

Студентот често неговото време го дели на време поминато во учење и слободно време. Во текот на периодот на учење студентите се сконцентрирани и посветени на оваа цел. Дури и самиот образовен систем се базира на идејата дека одреден период од животот треба да се помини учејќи и усовршувајќи се за некое идно вработување, а потоа како да настапува период на стагнација во процесот на учење во оние моменти кога треба да бидеме најпродуктивни во работата и да го примениме наученото. Ова е една од најголемите маани на севкупната идеја и концепт на учење и образование. Она во кое паметните студенти се разликуваат од другите е фактот дека тие учат цел живот. Тие го користат секој момент и секоја ситуација за да научат нешто ново. Едноставно кажано, светот е отворена енциклопедија со бесконечно знаење и инспирација да се научи нешто ново. Зграпчете ја оваа можност. Бидете љубопитни, прашувајте, истражувајте, учете.

Имаат исклучителна моќ на набљудување

Секој ден го врвите истиот пат кога одите на факултет; секој ден поминувате покрај истите згради, споменици, паркови... но, прашањето е дали знаете нешто за нив? Тоа што безброј пати сте поминале по тој пат не значи дека навистина сте ги запознале сите занимливости за работите кои ги среќавате на тој пат. За да го постигнете тоа потребно е светот да го набљудувате со неверојатна љубопитност во очите, онака како што прават малите деца. Бидете дете, поставувајте прашања и постојано очекувајте одговори.

Прават грешки

Повеќето луѓе имаат голем страв од грешки. Тогаш тие се водат од идејата дека поарно ништо да не прават отколку да згрешат. Доколку размислувате и вие на овој начин, тогаш тоа е вашата најголема грешка во животот. За паметните студенти секоја грешка е нова лекција, а животот е полн со нови лекции. Можеби е клише да се каже дека се учи од грешките, меѓутоа тоа е вистината; не постои подобар начин да научите нешто се` додека не се обидете да го направите - баш како што рекол Томас Едисон: „Не доживеав неуспех. Едноставно пронајдов  10.000 начини кои не функционираат“. Затоа обидете се, ако еден начин не е правилен, друг ќе биде.

Не се откажуваат лесно


Ова е карактеристика која се надоврзува на претходната. Доколку ви е страв од неуспех, тогаш сигурно за брзо време се откажувате од проблемот. Кога не можете да совладате некоја вештина лесно, имате навика за брзо време да се откажете и да се повлечите. Променете го тоа, а упорноста нека стане ваша нова доблест. Само сетее се колку пати во животот сте паднале и повторно сте станале и сте продолжиле понатаму. И запомнете, за учење е потребно време и безброј падови.

Опкружете се со паметни и инспиративни луѓе

Паметните студенти животот го гледаат како еден тобоган на кој се среќаваат со различни интересни и инспиративни личности полни со информации и знаење. Опкружете се со вакви луѓе кои имаат што да ве научат и да ви пренесат конкретни знаења и вештини.
Подготвил: Тамара Мисирлиевски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот