X
 22.04.2021 Образование

Студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“ освоија 2. и 3. место на натпревар за симултано судење во Хаг

Студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје се покажаа еднакво добри како правни лица кои покренуваат судски спор против друга држава пред меѓународен суд, а и како претставници на спротивставената страна која треба да даде одговор со свои аргументи.

Петтемина студенти Христијан Зафироски, Елена Јаман, Соња Атанасова, Леона Кичеец и Виктор Кочински успеаја да освојат второ и трето место на натпреварот Philip C. Jessup, еден вид симултано судење за спорови меѓу две држави кое се одвиваше пред Меѓународниот суд за правда во Хаг. Тие го постигнаа меѓународниот успех под менторство на професорите д-р Сашо Георгиевски и доц. д-р Љупчо Стојковски во конкуренција од над 570 тимови од факултети од 90 држави во светот.

- Тимовите беа поделени на два страни, едната е таканаречен апликант, односно државата која покренува спор, а другата е респондент, државата што одговара. Нашиот тим учествуваше и во двата дела од натпреварот. Прво поднесувавме писмени поднесоци со аргументите на државата која го поднесува спорот, а потоа и одговорот од другата страна, која исто така ги изнесува своите аргументи. Исто така, учествувавме и во усните рунди на кои постигнавме голем успех - вели Виктор Кочински од Битола, кој е петта година на мастер-студии на Правниот факултет по меѓународно право, односи и право на ЕУ, кој беше дел од тимот на натпреварот.



Настапуваа во спор меѓу две измислени држави Апреплуја и Рановстајо, кои организаторите на натпреварот ги креираат секоја година. Спорот во случајот се однесуваше на легалноста на забрани за влегување во држави во време на пандемија, давање азил и користење самоодбрана против потенцијални терористички напади.

- Ваквите поднесоци се исклучително комплицирани во однос на користењето на правото, меѓународното право се базира на повеќе извори и вклучува теми кои немаат директен одговор, па постои голем простор за креативност и умешност за докажување. Сепак, со вакви поднесоци првпат се соочивме, тие се специфични за меѓународниот суд на правдата, но под менторство на професорите, тоа беше успешно совладано - велат студентите.

Тие додаваат дека за постигнатиот успех, пресудни биле вложениот труд од сите членови во тимот, вклучувајќи безброј часови истражување, пишување, дискутирање, а секако немало да биде возможно без менторството на професорите Георгиевски и Стојковски, кои неуморно се фокусирале поднесоците на студентите да ги доведат до перфекција.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравкоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование