X
 31.07.2016 Образование

Дали на студентите им е потребно советување?

Советувањето е вид  терапија со разговор која што и овозможува на личноста да зборува за своите проблеми и чувства и да бара и да изнаоѓа решенија во доверлива и безбедна средина.Советникот е едуциран професионалец кој располага со знаења и вештини  да слуша со емпатија (сочувство). Тој може да помогне да се справиме со негативните мисли и чувства кои не оптоваруваат.



Советувањето не е обичен разговор каков можеме да водиме со најблиските пријатели на кафе муабет или со родителите (колку да звучи тоа неверојатно).  Во разговорот, советникот обезбедува безбедна средина, во која клиентот може да зборува за тешки теми и за длабоки емоции. Тој е тука да не поддржи  и да ги почитува нашите ставови. Тој вообичаено не дава рецепти за готови решенија на изнесените проблеми (иако понекогаш и тоа е можно и потребно).

Разговорот со советникот (психолошкото советување)  е структуриран процес. Во тек на овој процес советникот (психијатар, психолог) систематизирано ги користи своите знаења и односот со клиентот со цел да му помогне да ги разбере, да ги разреши и да ги надмине своите емоционални проблеми . Советувањето е учење. Личноста учи вештини како со помош на друго лице (советникот) постепено да ги препознава, артикулира и доживее потиснатите негативни чувства предизвикани од различни животни случувања или од односите со другите луѓе и самата да изнајде решенија на постоечките проблеми. Советувањето може да биде корисно при решавање на специфични проблеми, донесување одлуки, решавање на конфликти, во ситуација на криза, со цел поправање на меѓучовечките односи.
Во нашата средина нема традиција, но има потреба за советување на студентите. Организациската поставеност на образовниот систем и на здравствениот систем во претходната држава беше и како што е наследена, сеуште е таква  да во основните и средните училишта постојат педагошки и психолошки служби, додека во состав на институциите на високото  образование нема такви служби.  Веројатно сметаме дека нема потреба од тоа, бидејќи се работи за полнолетни граѓани , кои што положиле матура – значи созреале и како такви веќе немаат потреба никој да ги советува, да им помогне да изберат правилно, да се справат со тешкотиите што ги носи изборот кој често се покажува како неправилен.

Она што го подзабораваме е деликатноста на проблемите со менталното здравје и нивната не прифатеност од општеството. Исто така забораваме дека студентската популација е на возраст од 18 до 25 години, период кој се нарекува доцна адолесценција. Во овој период треба да се завршат сите процеси на матурација на личноста како социјално битие ( да се дефинира идентитетот и да се остварат емотивно-партнерски релации надвор од семејството). Хронолошкото напуштање на адолесцентната возраст не е нужен доказ за постигнатата развојна зрелост, а неуспешниот завршеток на адолесценцијата е наречен синдром на продолжена адолесценција.
Преку процесот на психолошко советување во советувалиште, кое што е стационирано во простории кои што се во состав на факултетот и  директно не асоцираат на здравствена дејност и ментални проблеми се создаваат услови за избегнување на негативното „обележување“ – стигматизација на личноста која бара помош за справување со некој проблем. Таквото советувалиште може да им помогне на студентите да го подобрат својот академски живот, да ги развијат своите способности, да ги надминат потешкотиите, да растат и да учат и да напредуваат во своите лични и академски животи.

На Медицинскиот факултет при УКИМ во состав на Институтот за физиологија од декември 2013 година работи вакво советувалиште - Советувалиште за студенти по медицина и сродни науки.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование