Воскресението Христово во саботата на полноќ беше објавено во сите
храмови на Македонската православна црква, по што, вчера и денеска, се
одржуваат воскресенски литургиии.
Велигден е спој на верата и традицијата негувана од памтивек. Почнува на
Велики четврток пред изгрејсонце, кога домаќинките ги бојадисуваат
првите црвени велигденски јајца.
Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, се
практикувала уште во времето на светите апостоли - христови ученици и
нивните наследници. За тоа ни сведочи Светото предание.
Велигденското јајце е старо колку и Христијанството и црквата го
прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото
Воскресение.
Првите христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат
јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со радосниот
поздрав Христос Воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина Воскресе!
Така поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото
воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја
исповедуваат својата вера во Воскресението. Оваа практика и до ден денес
е запазена во Светото Послание, па верниците со овој поздрав се
поздравуваат се до Вознесението Христово, Спасовден.
Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем
Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја
победил смртта.
Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а водено ја симболизира
и христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите
луѓе на земјава. Така, бојата на јајцето не потсетува на крвта христова и
спасението.