X
 15.04.2015 Образование

Бојкотот продолжува, но има и притисоци во одредени училишта

Бојкотот во средните училишта продолжува веќе шести работен ден. Моментално настава немаат повеќе од 18.000 средношколци од повеќе градови низ земјава - Скопје, Тетово, Куманово, Струмица, Велес и Битола.


Во средните училишта во Скопје ситуацијата се менува со локацијата, или барем така изгледа. Средношколците во СУГС „Кочо Рацин“ речиси не доаѓаат на училиште, а оние кои доаѓаат си заминуваат рано. Но, и тие не бојкотираат целосно. Текстилната насока во училиштето воопшто не бојкотира.

Како што се движиме кон центарот на градот, бојкотот станува се' посилен. Учениците во „Здравко Цветовски“ бојкотираат делумно. Некои ученици посетуваат настава, а некои не, зависно од притисоците од страна на професорите. Иако вчера се пишуваше дека притисоци нема, гледаме дека тоа не е случајот секаде. Некои професори во „Здравко Цветковски“ продолжуваат да се закануваат со неоправдани изостаноци и да ги принудуваат учениците да посетуваат настава. 

Кога станува збор за „Георги Димитров“, бојкотот е присутен кај сите насоки и во сите години, што не беше случајот изминатата недела. Притисоци врз средношколците нема.


Во СУГС „Никола Карев“ учениците не посетуваат настава, но си одат ниту дома. Тие остануваат во училиштето и организираат алтернативни предавања и активности.





Средношколците во „Орце Николов“ доаѓаат на училиште незнаејќи дали ќе посетуваат настава или не. Професорите работат само со оние ученици кои треба да бидат испрашани за поправање оцена и слично. Неоправдани изостаноци добиваат оние средношколци кои не се појавуваат на училиште.

„Или ќе доаѓате на настава или ќе бојкотирате - трето не може“, велат тие.

Во „Васил Антевски-Дрен“, исто така, делумен бојкот. Дел од учениците одат на часови, а дел бојкотираат. Генерално, настава нема во училиштето, а неоправдани изостаноци не се ставаат.


Средношколците од „Раде Јовчески-Корчагин“ продолжуваат со бојкотот на целата настава во училиштето, исто како и „Јосип Броз-Тито“.

Средношколците досега не добија средба со Министерот за образование и наука, иако беа доставени повеќе барања. Учениците ќе продолжат да ја бојкотираат наставата се' додека не им бидат исполнети барањата.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование