Македонските средношколци - информатичари уште еднаш потврдија дека Македонија треба да се гордее со нив. На 29. Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2022), која се одржа од 3 до 8 октомври во Букурешт, Романија, нашите ученици остварија нов голем успех. Македонскиот тим, составен од учениците Благојче Павлески, Тео Китановски, Петар Ковачовски и Адриан Михајловски, предводени од лидерите, д-р Емил Станков и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), се закити со еден сребрен и еден бронзен медал.
По една година пауза и една година во облик на онлајн натпреварување, годинава БОИ се одржа како регуларен настан. Главен организатор на БОИ 2022 е Здружението за извонредност и изведба во информатиката (Society of Excellence and Performance in Informatics), заедно со Министерството за образование на Република Романија. На натпреварот официјално учествуваа 42 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки, избрани преку годишните национални натпревари во програмирање на следните балкански земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Турција. Како претставници на земји гости на БОИ, во неофицијална конкуренција учествуваа и ученици од Италија, Унгарија, Украина и Швајцарија. Во ваква силна конкуренција, сребрениот медал за Македонија го освои Благојче Павлески од Прилеп, додека бронзениот медал го освои Тео Китановски од Скопје.
Дополнително, на паралелно организираниот РМИ интернационален турнир кој вклучи 168 натпреварувачи од тимови од 16 различни земји Благојче Павлески беше награден со златен медал, а Тео Китановски со бронзен.
Претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), д-р Миле Јованов изјави:
- Успесите не доаѓаат сами по себе. Ова што го постигнуваме е благодарение на личното залагање и труд на секој од нашите учесници, како и на неколкуте професори од ЗИМ со кои го вложуваме нашето слободно време и знаење за да може да ги насочиме нашите ученици. Среќен сум што со повеќегодишна упорна работа успеавме да го издигнеме квалитетот на македонските претставници на престижните интернационални натпреварувања на ниво со најдобрите репрезентации, особено земајќи ја предвид големината на нашата земја. Препознавањето на успехот и на личниот ангажман изгледа е полесно во странство, па веројатно затоа, по два мандата, повторно бев избран за претседател на Балканската олимпијада по информатика за нов тригодишен мандат. Благодарен сум за поддршката од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и на неколкуте општествено одговорните компании кои редовно нѐ поддржуваат: Мелон технологии, Нетцетера и Семос Едукација. Оваа година првпат патувањето на македонските ученици до Романија беше под покровителство на претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој исто така преку последните заеднички активности го поддржа и промовираше успехот на информатичарите и ЗИМ.
Македонските натпревари се одржуваат преку системот
mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи кои сакаат да се испробаат во оваа област. Балканската олимпијада во следните три години е предвидено да се одржи во Словенија, Италија и Албанија, по тој редослед.
До крајот на годинава пред македонските информатичари останува уште еден предизвик: Европската олимпијада за девојки која ќе се одржи во Анталија, Турција, во втората половина на октомври.