X
 10.09.2018 Образование

Приказна за изумирањето на едно стручно училиште. Како од 2.500 стигнале до 150 ученици?

Професорите што ги запознавме се светла точка, посветени професионалци кои многу си ја сакаат работата. Каде е проблемот, зошто мал број ученици решаваат своето образование да го продолжат тука?

Погрешната образовна политика, фаворизирањето на гимназиските профили и изумирањето на одредени индустриски дејности се главните виновници за полупразните технички училишта во земјава. Како училиштата со високо реноме стигнаа до тоа дереџе да запишуваат по едвај триесетина ученици во цела генерација?

Порано имало 167 професори, сега се 40

Класови од по осум-девет ученици се секојдневие и за средното машинско училиште „8 Септември“ од Скопје.
Огромното здание со опремени кабинети за практична настава зјае полупразно. Пред четириесет години тука се слушал џагор на 2.500 ученици. Предавале 167 професори. Сега во школото има 150 средношколци и 40 наставници.



Условите во училиштето се добри. Има кабинетска настава, практична настава, се инвестира и во реконструкција на фасадата... Професорите што ги запознавме се светла точка, посветени професионалци кои многу си ја сакаат работата. Каде е проблемот, зошто мал број ученици решаваат своето образование да го продолжат тука?

Дел од професорите се сведоци на тоа како се случил падот на некогашниот гигант во креирање кадар за електро-машинската индустрија.
- Училиштето изгледаше сосема спротивно од она што денеска го гледате. Деца, деца низ ходниците. Ова беше училиште со големо реноме, авторитет. Се запишуваа само одлични ученици, поминуваа и приемен испит. Одбивавме ученици на уписите. Чиста спротивност од денеска – вели професорот Фикрет Али, кој предава практична настава.


Реконструкција на фасадата

Учениците ја прават училишната ограда

Тој 42 години предава во ова училиште. Вели дека сјајот на техничките училишта, меѓу кои и ова, може да им се врати само ако тоа влезе во нашата државна стратегија.

- Ние сме исто така зависни од индустријата, па потребен е развој во овој дел. Да не ги заборавиме платите на работниците. Тие мора да се поголеми. Потребно ни е и поврзување со социјални партнери, компании со кои заедно ќе го креираме кадарот – вели Али.

Со директорката Елизабета Младеновска и неколку професори прошетавме низ халите и кабинетите каде што се одржува практичната настава. Во огромната хала каде што се учи обработка на метал до пред дваесет години се правеле регистарските таблички на Република Македонија. Децата учеле, училиштето заработувало.
Сега учениците главно прават огради. Покрај една од машините стои голема метална ограда која наскоро ќе го краси училишниот двор.


Огромната хала за практична настава каде што порано се правеле македонските регистарски таблици

- Ни се запишуваат главно послаби ученици, кога е успехот во прашање. Но, за оваа работа мора да си високо интелигентен, мора да знаеш математика. Инаку не треба да си тука – вели професорот Али.
Неговиот колега Јован Милошевски, кој исто така предава практични предмети, но на насоката водоинсталатери, е негов ученик. Професорот Али вели дека Милошевски бил еден од подобрите ученици.
- Да, навистина тоа беа убави времиња, се сеќавам дека бевме многу ученици. Но, секако дека има надеж повторно да бидеме училиште со многу деца ако надлежните не нѐ остават сами да се справуваме со овој проблем – вели Милошевски.


Професорот Милошевски (лево) му бил ученик на професорот Али (десно)

Професорот Али додава дека посебно уживање за него е што е одговорен за практичната настава.
- Пред пензија сум. Но, да може да се вратам назад, пак би го работел ова. Не може секој да е цел ден опкружен со мирисот на бензин и метал, но еве јас уживам – вели тој.
Милошевски лани бил класен раководител на паралелка од 17 ученици, што е една од најмногубројните во последните години.
- Половина од нив заминаа да работат во Германија – вели тој.

Во погоните не мириса на парфем, работата треба да е повеќе платена

Директорката Младеновска вели дека годинава направиле три паралелки.
- Техничките училишта во земјава се навистина проблематични со бројот на деца. Проблем кој се провлекува пред сѐ поради промените во општеството, конкретно во машинската индустрија. Со затворањето на големите фабрики и отворањето помали фирми пазарот на трудот се намали. Тука се и ниските плати од оваа дејност. Мали се платите кај приватниците. Тоа е реалноста - вели Младеновска.


Ова воопшто не е лесна професија, вели директорката Младеновска

Но, сите треба да сфатат дека оваа работа треба да е повеќе платена, потенцира директорката.
- Компаниите бараат соработка, бараат ученици и за пракса да одат кај нив. Можеби спасот ни е токму во тоа т.н. дуално образование. Да се поврземе со компаниите, да кажат што им треба, но и да го платат соодветно трудот на работниците. Сепак, во погоните не мириса на парфем, тоа воопшто не е лесна професија – вели Младеновска.

Професорот Ќанија Дургути е машински инженер кој станал наставник пред осум години. Го посетивме на час, кога се запознаваше со десетте ученици од прва година. На првиот час го стануваше секој ученик и му поставуваше едно прашање: „Што сакаш да постигнеш во животот?“ Срамежливите момчиња одговараа, а тој внимателно ги слушаше.


Професорот Дургути со учениците од прва година

- Кога ќе ми дадат одговор на ова прашање, ги запознавам подобро и знам од кого што да очекувам. Имав еден ученик од насоката заварувач, ми одговори дека сака да прави автомобили. Ме зачуди со одговорот. Го прашав што бара кај заварувачи ако сака да дизајнира автомобили. И потоа стана одличен заварувач. Во секоја генерација има деца што се истакнуваат, деца со огромна желба да научат и секако такви што само сакаат да завршат средно – вели Дургути.

Во неговата училница учениците преку различни симулации на голем екран го совладуваат материјалот. А на учениците често знае да им пушта и мотивирачки видеоклипови за подобро да се пронајдат себеси.



Годинава во ова училиште едвај се формирани три нови паралелки. Две на албански и една на македонски наставен јазик. Паралелките не бројат повеќе од 10 ученици. Насоката техничар за компјутерско управување има шест ученици, автотехничар-мехатроничар има 10, а тригодишните програми се споени во еден клас кој има осум ученици.

- Очекуваме уште некој ученик плус бидејќи знаат да се префрлаат од други училишта или ако се одбиени од другите школи. Во моментов имаме пет дополнителни молби за упис - вели директорката Младеновска, која се надева дека ќе дојдат подобри времиња за ова стручно училиште.


Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева/milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование