Училишните програми за развивање на
емоционалната интелигенција не само што ги подобруваат менталното здравје и социјалните вештини на учениците, туку имаат и долгорочна корист и во наредниот период, тврдат научниците од Универзитетот „Лојола“ и од Универзитетот „Илинои“ во Чикаго.
Професорката Ева Обреле наведува дека програмите за унапредување на социјално-емоционалните вештини им овозможуваат на децата во подоцнежниот период на учење, па и во животот, да постигнуваат подобри резултати. „Знаеме дека овие програми имаат непосреден позитивен ефект“, потенцира таа.
Низ програмите децата учат да ги препознаваат и да ги разбираат своите емоции, чувствуваат емпатија, носат одлуки и градат и одржуваат односи. Претходното истражување покажа дека вклучувањето на овие програми во наставата ги подобрува резултатите во учењето, но и односите меѓу учениците, а ги намалува анксиозноста и проблемите во однесувањето. Новата студија ги анализира резултатите од 82 такви програми кои вклучувале повеќе од 97.000 деца, од градинки до средни училишта во Америка, Европа и Велика Британија, а ефектите се проценувани по шест месеци од завршувањето на програмата. Истражувачите открија дека социјално-емоционалното учење придонесува за подобри резултати во учењето, но и дека има долгорочни позитивни ефекти.
Студентите што учествувале во програмите завршиле колеџ со повисок успех за 11 проценти во споредба со врсниците што не партиципирале во такви програми. Нивната стапка на дипломирање во средните училишта била за шест проценти повисока. Употребата на дроги и проблемите во однесувањето биле за шест проценти пониски кај учесниците во програмите, а дијагностицирањето на нарушувањата во менталното здравје било за 13,5 проценти пониско.