Студентите ќе се движат по следната маршута:
Плато на УКИМ - Влада на РМ, каде ќе се приклучиме на маршот на средношколците - МОН
Студентскиот пленум повторно повикува на студентски марш, овој пат на марш за поддршка на Средношколскиот пленум, на ден 23.04.2014 со почеток во 12:00 на платото на УКИМ.
Веројатно многумина од вас ќе се запрашаат зошто токму марш? Зошто не само поддршка по социјалните мрежи и преку соопштенија за јавност?
Затоа што сме дел од еден заеднички образовен систем. Затоа што овие ученици се нашите идни колеги, нашите браќа, сестри, братучеди, комшии, другари. Затоа што со овие ученици утре треба да градиме заедничка иднина. Затоа што исто како и нас, никој не сака да ги слушне.
Студентскиот пленум одново се одважи да застане во одбрана на образованието и ги поддржува средношколците во нивните барања! Затоа да излеземе заедно со нив и да ја покажеме моќта, цврстината и заедништвото на идните генерации. Бидејќи во една прилика кажавме: ако замолчиме сега, засекогаш ќе нѐ болат устите!
Приклучи ни се и ти за да се чуе и твојот глас! Скопските улици повторно ќе ги красат илјадници млади!
#ПоздравПленумци