X
 21.04.2015 Култура

Студентите по трет пат ќе предаваат за ГТЦ

Поради големиот интерес на првата и втората интерактивна настава, студентите од архитектонскиот факултет, во рамките на кампањата „Излези за ГТЦ“, ќе организираат и трета прошетка низ Градскиот Трговски Центар која ќе има цел да ги запознае граѓаните со културните и архитектонските вредности на овој култен градски објект.

 

Прошетката ќе се одвива денес со почеток во 18:00 часот, а збирно место повторно ќе биде пред платото на ГТЦ од страната на паркот Жена – Борец. На прошетката може да дојде секој заинтересиран граѓанин и низ интерактивна настава да дознае нешто повеќе за културното наследство на нашиот град, кое ГТЦ го чува веќе четири децении.

За сите останати активности и настани кои ќе се одвиваат во рамките на кампањата „Излези за ГТЦ“ можете да се информирате на http://gosakamgtc.mk/kalendar/


Стотина граѓани учествуваа на првата и втората прошетка низ ГТЦ


На претходните прошетки организирани минатата недела, студентите од архитектонскиот факултет најнапред ги запознаа граѓаните со општествените и архитектонските вредности на ГТЦ, како и со неговата историја.

 

Студентите се осврнаа на идејното решение за ГТЦ кое било победник на меѓународен конкурс а чиј автор е познатиот македонски архитект Живко Поповски. Понатаму, студентите, во своето предавање, ги потенцираа социјалните вредности кои со себе ги носи ГТЦ а се однесуваат на неговиот јавен карактер и отвореност за сите. За присутните граѓани особено беше интересно да се слушне за значењето и улогата на ГТЦ за животот на градот во 70-ите и 80-ите години од минатиот век. Студентите, исто така, ја објаснија улогата на пасажите на ГТЦ кои ги спојуваат сите главни точки во центарот на градот, но и како кејот на реката Вардар ја задржува силуетата на трговскиот центар. Граѓаните се запознаа и со историјата на петте кули кои се наоѓаат во рамките на трговскиот центар и на кој начин биле инкорпорирани во идејното решение на Живко Поповски. Во предавањето за ГТЦ не беше изоставен ниту неговиот придонес за развојот на културата на градот, па во тој контекст, студентите потенцираа дека ГТЦ е дом на првото градско кино во Скопје. Прошетката заврши на терасите на ГТЦ кои „гледаат“ кон паркот Жена – Борец, а за кои студентите објаснија дека овозможуваат директно поврзување со зеленилото во паркот. На крајот, студентите го потенцираа уникатното решение за сообраќајот во долниот дел на трговскиот центар каде токму разделувањето на движењето на сите возила по принципот „никој не пречи никому“ е вистински израз на модерната која го одликува Градскиот Трговски Центар.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура