X
 03.05.2015 Живот

Средношколски пленум: Бојкотот продолжува се додека не се прифатат нашите барања



Средношколскиот Пленум и соопштува на јавноста дека бојкотот на наставата од утре влегува во својата петта недела односно во вториот месец. Одржувањето на Средношколскиот Фронт пред Министерството за образование и наука исто така продолжува и влегува во втората недела покажувајќи се како најголем притисок врз надлежните да ги ислушаат и воопшто разгледаат нашите барања.

Никаков договор не е постигнат помеѓу надлежното министерство и Средношколскиот Пленум. На последната средба од преговорите, одржана минатиот четврток, еден час се разговарало на тема легитимност, а дваесет минути на тема барањата кои ги поднесе Средношколскиот Пленум пред два месеци. За ова потврдува и Хелшинскиот Комитет кои присуствуваа на средбата во улога на мониторинг и во целост ги подджуваат нашите барања како и нашиот револт кон овој неадекватен и безобразен однос на надлежните кон оние во чија полза треба да работат.

Моменталната состојба на преговорите е: полагање на државна матура по стариот концепт само оваа година и продолжување на екстерното тестирање што не е во никој случај прифатливо за сите оние илјадници средношколци кои изгубија од својата настава веќе еден месец. Средношколскиот Пленум смета дека министерот Абдулаќим Адеми, заменик министерот Спиро Ристовски и вицепремиерот Владимир Пешевски не се свесни која штета ни ја нанесуваат со пролонгирање на преговорите веќе една недела кога Средношколскиот Пленум јасно изјави дека преку компромис не се стигнува до квалитетно образование и дека не планираме да запреме со радикализација додека не бидат усвоени двете наши барања.

Се надеваме дека Министерството за образование и наука ќе не викне повторно на средба во најбрз можен рок на која конечно ќе биде постигнат разумен договор и учениците конечно ќе се вратат каде што им е местото, а тоа е во училишните клупи на настава.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот