X
 29.03.2015 Образование

Средношколските маршеви продолжуваат во Скопје и Тетово

Не, ова не е провоаприлска шега. Средношколски маршеви се закажани низ републиката. За 1-ви април, Средношколски Пленум на марш во Скопје, ден потоа, ќе се маршира и во Тетово.



"Драги соученици,студенти, професори, родители, граѓани, сите вие кои сте загрижени за правецот во кој се движи средното образование, придружете ни се на вториот средношколски марш во среда, 1 април, да покажеме дека цврсто стоиме зад нашите ставови и не се откажуваме од нашите барања, враќање на стариот концепт на државна матура и укинување на екстерното тестирање.

МОН во текот на изминатата недела се обиде да ги изманипулира средношколците дека ќе има средба со нивните претставници. Срамно е како министерот и неговите соработници цела недела се кријат иако ги баравме под дрво и под камен да ја договориме средбата која тие ни ја ветија на првиот марш.

Нашиот марш во среда нема да покаже страв од учење туку жед за знаење. За она вистинско знаење што секој од нас го заслужува. Заедно да и покажеме на оваа земја дека интелектуалната младина е оформена и независна. Нашиот дух е непокорлив, а нашиот став непоколеблив!


Собирот ќе започне во 12 часот пред Собранието на Република Македонија, а маршот ќе заврши пред МОН" се вели во повикот за скопскиот марш закажан за 1-ви април.




Ден потоа, за кога е и закажан тетовскиот марш се вели:

„Средношколскиот Пленум ве повикува на Втор средношколски марш во Тетово на 02 април (четврток), во 12:15 пред Центарот за Култура „Иљо Антески - Смок“ - Тетово, на кој ќе го изразиме нашето незадоволство од лошите реформи во средното образование, од екстерното тестирање и од измените за државната матура.

Овој марш е наднационален, надетнички, надрелигиски, непартиски. Апелираме да биде мирен, без говор на омраза, насилство и истакнување на национални и партиски симболи.

Собирно место е на платото на Културниот дом, во 12:15 часот. Ќе маршираме по булеварот Маршал Тито, преку ул. Јане Сандански, преку Илинденска, сè до Работничкиот Универзитет, каде што се наоѓаат канцелариите на Министерството за образование и наука (МОН), Бирото за развој на образование (БРО) и Просветниот инспекторат.

По втор пат, да кажеме „НЕ“ на лошите реформи во образованието кои од нас направија експериментални глувци. Имаме став, немаме страв!

Приклучи се! Имај подобро и поквалитетно образование!"

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование