Уморни, но ведри детски лица со поголема волја за живот од секого во земјава - тоа се нашите средношколци деновиве. Уморни - бидејќи спијат на трева (под дожд) две недели, а се обидуваат да добијат средба и позитивен резултат веќе шест недели. Ведри - бидејќи ја имаат поддршката на родителите и професорите и се подготвени да одат докрај.
Средношколците се побунија против новите реформи во образованието уште додека чистевме снег. Маршовите и протестите не им ја донесоа бараната средба со Министерството за образование и наука, па затоа решија да го радикализираат протестот. Поставија кампови пред МОН и изјавија дека ќе ја чекаат посакуваната средба. Средба добија уште истиот ден, но таа не ги реши нивните проблеми. Министерот Абдилаќим Адеми одби да ги прифати нивните барања.
Вчера, тие протестираа повторно пред МОН барајќи преговори. Тие ја блокираа улицата пред министерството и го свртеа грбот кон вработените во зградата. За време на протестот, тие најавија дека од следната недела ќе протестираат пред судовите за правно решение на овој проблем.
Дотогаш, бојкотот на наставата продолжува и средношколците остануваат во камповите. А, таму неочекувана ситуација. Чиниш во воздухот има магична моќ за зближување и сплотување.
Родителите се запознаваат и дискутираат со други родители додека чуваат стража за своите деца, професорите наминуваат и разговараат за проблемот со учениците и родителите, а средношколците кои порано воопшто не се познавале на училиште сега готват заедно и подготвуваат едукативни работилници за соучениците.
Очигледно, маката ги зближува луѓето. Секако, тоа не значи дека некој сака да протестира. Но, средношколците гласно велат дека сакаат подобро образование.
Од Средношколскиот пленум изјавија дека вчера се собраа на протестен собир за да покажат дека сè уште се таму и остануваат цврсто до своите барања и нема да се откажат од подобро образование за сите.
Реакција од МОН нема.
Од Средношколскиот пленум изјавуваат дека била испратена јавна покана до министерот и неговиот заменик за јавна средба на отворено во камповите на средношколците и очекуваат таа покана да биде прифатена.
Во меѓувреме, Министерството за образование и наука ги објави прашањата за екстерно тестирање. Тоа значи дека министерството сè уште не отстапува од тестирањето. Што се однесува со државната матура, Министерството за образование и наука и Владата имаат донесено конечен став за полагање на матурата според стариот концепт, а пријавите за полагање веќе беа потпишани од страна на средношколците.
Средношколците спијат во кампови пред МОН со денови. Какво е ова искуство за нив?
-
Еден добар дел од ова искуство е тоа што се социјализиравме сите. Со луѓе што не очекувам дека би ги запознала и би се дружела со нив се здруживме. Има голема соработка во сè, вели средношколка.
Сепак, не е сè дружење и социјализација. Има разни препреки во спиењето, како временските услови и бучавата.
-
Иако ни е супер за дружби, многу ни е тешко за спиење затоа што не е исто да спиете дома во кревет и тука надвор за лоши реформи, вели средношколка.
Најважно за средношколците е тоа што ја имаат поддршката на родителите и професорите. Меѓутоа, зборуваме за одреден дел на професори кои ја изразуваат својата поддршка, не сите. Родителите и професорите, но и останатите граѓани помагаат со носење храна и материјали. Иако постојано се носат материјали, некогаш недостасуваат основни намирници, како леб.
Моментално, во камповите има недостиг на
плински боци и
плински уреди,
чаши и прибор за јадење (чинии, виљушки, ножеви, големи лажици за јадење бидејќи се носат само мали), храна која е лесна за мачкање (кремови, намази, но не и паштети бидејќи има повеќе од доволно). Потоа, се замолуваат граѓаните кои се во можност да донесат мали
фрижидери бидејќи се носат намирници кои се расипуваат брзо доколку не се ставаат во фрижидер.
Со средношколците во камповите се и нивните родители. Навистина, насекаде во паркот се гледаат родителите заедно со своите деца, помагајќи им и штитејќи ги.
-
Ги поддржуваме нашите деца и ние сме истрајни во поддршката. Министерството нема слух, но ние сме упорни со децата и продолжуваме докрај, вели родител.
Тие ги повикуваат и другите родители да им се придружат.
-
На другите родители им порачувам да дојдат и заедно помасовно да настапиме за тогаш да размислат да ги викнат учениците и да договорат сè. Треба масовност. И професорите, па и директорите да дојдат, изјавува родител на средношколец.
Во последниот работен ден од неделата, средношколците добија и посебна поддршка од илјадници други граѓани. Се работи за демонстрантите за време на протестот против полициската бруталност, кој се одвива веќе четврти ден по ред во градот. Имено, мирните демонстранти поминаа покрај средношколските кампови и ги поздравија нивните дејствија. Соодветно, средношколците го вратија поздравот со голем аплауз и ги испратија на патот кон Министерството за внатрешни работи, каде беа упатени демонстрантите. Дел од демонстрантите се потпишаа за поддршка на средношколците за време на поздравувањето.
Илјада зборови не се доволни да ја опишат и ситуацијата со образованието во Македонија во моментов. Додека надежно чекаме на скоро разрешување на проблемот, гледаме во секој од илјадниците зборови кажани преку фотографиите од денот на средношколскиот фронт.
Фотографија:
Ѕвонко Петровски