Професорот Тим Спектор, угледен научник и генетичар, одлучил да стави крај на дискусиите за диети и нивниот ефект, такашто после бројни истражувања тој објавил заклучок дека тие воопшто не се ефикасни, а посебно не со броење на калориите.
Тој верува дека со правилен режим на исхрана и вежбање можеме да бидеме здрави и слаби. Тој е автор на книгата „The Diet Myth: The real science behind what we eat“ во која нуди нова теорија за тоа што не` прави дебели, а таа би можела да го промени нашиот пристап кон губење на тежината.
Тој тврди дека милијарди бактерии кои живеат во нашите црева имаат големо влијание врз нашето здравје и расположение. Повеќе од две децении Спектор научно проучувал 11.000 близнаци и нивното здравје, начинот на живот и навиките во исхраната.
Експериментот со близнаците
Едно од неговите откритија ги шокираше сите оние кои веруваа во калориски контролираната исхрана, а тоа е дека калориите не влијаат врз зголемувањето на телесната тежина. Така, професорот Спектор ставил близнаци на високо калорична исхрана и после шест недели тие реагирале целосно различно. Некои се здебелиле 13 килограми, а некои само 4. Тоа само потврди дека калориите не се фактор кои влијаат врз зголемувањето на тежината. Но, од тоа произлегло прашањето, ако калориите не влијаат, тогаш што влијае?
Професорот верува дека бактериите во нашите црева влијаат врз зголемувањето на тежината. Тој тврди дека разновидноста во нашите црева имаат неверојатно влијание на многу аспекти на нашето здравје.
„Микробите не се само од суштинско значење за варењето. Тие исто така го чуваат нашиот имунолошки систем и се поврзани со кардиоваскуларното здравје, ризикот од дијабетес и менталната благосостојба“, вели тој. Исто така, тврди дека со правилна исхрана и вежбање можеме да влијаеме врз бактериите во цревата кои се одговорни за зголемувањето на тежината кај човекот.
Премалку различни видови на храна
„Во споредба со нашите предци, ние имаме само дел од различните видови микроби кои живеат во нашите црева. 15.000 години луѓето редовно јаделе околу 150 состојки, а во денешно време повеќето луѓе консумираат помалку од 20 различни состојки, од кои повеќето се рафинирани“, вели тој.
За да провери на кој начин брзата храна влијае врз бактериите во нашите црева тој 10 дена на неговиот 22 годишен син Том му давал ваков вид на храна која се состоела од пилешко „Chicken McNuggets“, Биг Мек, сладолед и Кока Кола.
После шест дена Том започнал да се чувствува тромаво и потечено, а после осум дена започнал да се поти после оброците. Неговите пријатели забележале дека неговата кожа изгледа жолто. Во текот на експериментот тој се здебелил 2 килограми.
Но, шокантно било откритието дека после три денови неговите добри бактерии се намалиле за 40%.
Значи, нивото на оние корисни бактерии исклучително се намалило, додека оние лошите поврзани со ракот и болестите на срцето - пораснале. Требало да помине некое време после престанувањето на користење на ваква храна за ситуацијата да започне да се враќа во нормала.
Затоа професорот тврди дека иако нездравата калорична храна ја поврзуваме со дебелината, сепак тоа не е точно. Храната ги уништува добрите бактерии во цревата и им дава простор на лошите бактерии по чијашто вина ние добиваме килограми.
За уште еднаш да се потврди дека тоа е навистина точно, тој одлучил неговиот експеримент да го примени и кај глувците. Зел примерок од столицата на дебелите близнаци и овие лоши бактерии од цревата се пренеле во цревата на глувците.
„Резултатите беа изненадувачки јасни - глувците станаа за 16% подебели“, објаснува професорот кој истакнува дека вежбањето освен на срцето и мозокот, има добар ефект и врз бактериите во цревата.
Затоа, научникот на луѓето им советува да вежбаат и да јадат правилна исхрана, без да ги бројат калориите. Баш напротив, тој тврди дека честите диети водат кон дебелеење, што покажало истражувањето со близнаците бидејќи тој забележал дека оние близнаци кои во текот на годините биле на диета, во просек килограм и пол беа потешки од оние кои воопшто не држеле диети.