Меѓувладината комисија за климатски промени објави извештај според кој нивото на морето ќе се зголеми многу порано отколку што се очекувало.
Во извештајот се споменува дека забрзано се топат глечерите од Хималаите до Антарктикот, како и дека градовите како Њујорк и Шангај веројатно ги очекуваат редовни поплави.
Повеќе од 100 научници од 36 земји работеле на Специјален извештај за океанот и криосферата во промената на климата. Станува збор за последен од три специјални извештаи што покажа дека имаме време до 2030 година да го задржиме глобалното затоплување под 1,5 степен.
- Овој извештај е единствен. Во него првпат се анализираат податоци од најоддалечените краеви во светот; од највисоките планини оддалечени од поларните региони, до најдлабоките предели на океаните - изјави Ко Барет, потпретседател на Меѓувладината комисија за климатски промени.
Фото: ЕРА
- Откривме дека на вакви оддалечени области има очигледни промени предизвикани од глобалното затоплување, за кое главни виновници се луѓето - додаде тој.
Во извештајот се наведува дека затоплувањето зело голем замав и сега веќе постојат негативни последици врз климата, како зголемувањето на нивото на морето што повеќе не може да се запре.
Но, научниците веруваат дека човештвото сè уште има избор, односно може да одлучи итно да ја запре глобалната зависност од фосилните горива.
Наодите на Меѓувладината комисија за климатски промени покажуваат дека нашата планета се загрева брзо, што е особено видливо од топењето на глечерите од Гренланд до Арктикот и дека нивото на морето до крајот на овој век веројатно ќе се зголеми повеќе од предвиденото.
Ледената плоча на Гренланд се топи најбрзо и ако се стопи, може да го подигне нивото на морето за 6 метри. Помеѓу 2006 и 2015 година во просек изгубила повеќе од 275 гигатони мраз годишно.
И ледената прекривка на Антарктикот брзо исчезнува. Губењето на неговата маса се зголемило тројно помеѓу 2007 и 2016 година во споредба со претходните десет години.
Научниците веруваат дека поради брзото
топење на Антарктикот, ако продолжиме со истото темпо на емисии на стакленички гасови, нивото на морето веројатно ќе се зголеми за 1 метар до 2100 година.