X
 26.05.2015 Економија

Работа чекаат 31 доктори и 1008 магистри на науки

 НЕМА ЛЕБ ЗА ЛИЦАТА СО НАЈВИСОКИ ОБРАЗОВНИ ТИТУЛИ


Ако се погледнат сите извештаи на Агенцијата за вработување од изминатава цела деценија, ова досега е најголемата бројка на лица со највисоките образовни титули кои немаат работа

  Фото: А1он

 “Најчесто тие ја одбиваат работата која им ја нудиме бидејќи сметаат дека е понуденото е несоодветно за нивното образование. Не сакаат што било да работат, си ги ценат титулите”, Влатко Поповски

Во државава има 31 доктор на науки кои се пријавени како невработени лица. Ако се погледнат сите извештаи на Агенцијата за вработување од изминатава цела деценија, може да се види дека ова досега е најголемата бројка на лица со највисоката образовна титула кои немаат работа.

Последната евиденција од месец март годинава, покажува дека имаме и рекорден број на магистри на науки кои чекаат вработување - 1008. Со завршено високо образование, пак, како невработени се пријавени 15.685 лица.

Не сакаат што било да работат


Во евиденцијата на невработени лица според областа во која докторирале, најбројни се доктори по економски науки, а по нив се доктори по филозофија.

- Има и такви од профилот доктор на политички науки, доктор по педагогија, доктор по социјални работи, доктор по правни науки. Од магистрите на наука, пак, најбројни се лицата од профилот магистер по економски науки, магистер по деловно право, магистер по политички науки, магистер по науки во јавна администрација. Од дипломците, најбројни се оние со завршени правни и економски науки - информираат во агенцијата.

Директорот Влатко Поповски тврди дека на високообразованиот кадар во земјава му се нуди работа.

- Се грижиме за нашите доктори и магистри на науки со тоа што постојано им нудиме работа преку нашите програми за вработувбање. Но, најчесто тие не` одбиваат бидејќи сметаат дека е понуденото е несоодветно за нивното образование. Не сакаат што било да работат, си ги ценат титулите - вели Поповски.

Работа наоѓаат оние со факултетска диплома

Ако кај магистрите и докторите на науки се бележи раст на бројот на невработени, тоа не е случај со оние кои имаат завршено додипломски студии. Интересно е има тенденција на намалување на бројот на невработени дипломци. Така, ако во 2010 година имало 20.265 лица со високо образование кои немале вработување, сега таа бројка е 15.903.

Се бараат програмери и инженери

Меѓу невработените доктори и магистри, нема ниту едно лице кое е од областа на техничките науки, иако таков кадар е дефицитарен во државата во изминативе години Токму поради тоа, има кампањи за студирање на техничките факултети.

Дека овие струки се барани покажуваат и анкетите. Така, според последната анкета што ја направила Агенцијата за вработување, на пазарот односно на работодавачите им требаат програмери, информатичари, градежни инжинери, фармацевти, електроинжинери, прехранбени технолози.

Една анализа на Министерството за образование и наука и на Министерството за труд и социјална политика, покажа дека сме преплавени од правници, наставници, економисти, административци и од професори по македонски јазик. По ова, следуваа препораки до факултетите да се стават во мирување студиските програми на кои се образова ваков кадар.

Број на невработени лица со титули, по години (во месец декември):

2003 – 11 доктори на науки, 82 магистри на науки
2006 – 11 доктори на науки, 147 магистри на науки
2009 – 10 доктори на науки, 229 магистри на науки
2012 – 17 доктори на науки, 764 магистри на науки
2014 – 24 доктори на науки, 965 магистри на науки



*Извор: Агенција за вработување на Република Македонија
Подготвил: Факултети.мк

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија