X
 07.08.2018 Наша тема

Македонија нема доволно оџачари и водоводџии, но има еден куп невработени магистри и доктори на науки

Се запишуваат студенти кои немаат дар за вербално изразување, а камоли за нешто повеќе. Верувајте, сум ги прашувал колкумина прочитале барем пет книги. Нема таков студент! Престанав да ги прашувам кога една студентка одговори дека ја прочитала „Зоки Поки“, вели професорот по социологија Илија Ацески


Македонија нема доволно заварувачи, плочкари, водоинсталатери, оџачари, но во моментот има околу 1.000 магистри и 34 доктори на науки што се без работа. Логично ли е секој втор ученик да има капацитет да студира, а голем број од дипломираните студенти да продолжат на втор и на трет циклус на студии? Какви се економските, општествените, здравствените, научните потреби на Република Македонија?

Графика: Ања Несторовска

Државниот завод за статистика располага со многу интересни податоци. Од осамостојувањето во 1991 година до денес во земјава дипломирале вкупно 164.234 студенти. За 27 години во Македонија магистрирале вкупно 14.865 магистранти и има 2.811 доктори на науки. Според последните податоци на Агенцијата за вработување на Република Македонија, објавени на 30 април годинава, во земјава има 12.133 невработени граѓани со високо образование, вкупно 957 магистри и 34 доктори на науки што немаат работа.

Мора гласно да се зборува за состојбите


Зошто имаме толку невработен висококвалификуван кадар? Има ли државата систем според кој ги одредува квотите што ги примаат факултетите и што понатаму со тој кадар?
Д-р Илија Ацески, редовен професор по социологија на Филозофскиот факултет во Скопје, долго време ја истражува оваа проблематика. Пред неколку години состојбите детаљно ги претстави во книгата „Универзитетот на распаќе“. Тогашниот ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ги заплени сите примероци што беа на УКИМ.

Според Ацески, колку и да не изгледа така, во образованието кај нас, особено во високото образование, наводно има логика. Тој е дециден дека студентите се најмалку виновни и тие не треба да се обвинуваат. Проблемот е во системот од кој не можеш да избегаш и, сакал-нејќел, стануваш дел од него.

Проф. Илија Ацески, социолог

- Не се амнестирам себеси, и јас сум бил дел од сето тоа. Но, мора да се зборува, гласно да се зборува за да почне да се менува. Со приватизацијата, која траеше неколку години, ние многу брзо се приспособивме на тој нов систем. На почетокот универзитетите им земаа и пари на студентите, и тоа мора гласно да се каже. Имаше еден период од 3-4 години кога една група буквално профитира од тоа. Воведувањето на Болоњскиот систем во 2004 година дополнително го урна квалитетот на студиите. Имаше една година кога на нашиот институт имаше 250 студенти! Знаете ли што значи таа бројка? Апсурд до апсурд! Кога прашувавме како е можно, ни велеа: „Има пари, ако треба и во ходници ќе стоиме, ќе ги примиме!“ Тоа траеше 4-5 години. Една година се случи да има дури 100 магистри на еден институт. Кога се направи системот, кога профункционира, ние го урнисавме. Денес имаме 80 професори, нема асистенти, ниту доценти. Стануваш редовен професор и остануваш 30 години. Со што да се натпреварува тој, зошто да се труди да си го подобри квалитетот? – прашува Ацески.

Дипломата веќе нема вредност

Како втор проблем Ацески го наведува моментот што високообразовните институции немаат никаква врска со стопанството и економијата. Сите егзистираат сами за себе.
- Ниту ние прашуваме некого што му е потребно на нашето општество ниту некој нас нѐ прашува нешто. Така, дојдовме до моментот од запишани 50 студенти, 60-70 отсто од нив да ги снема за време на студиите. Се запишуваат студенти кои немаат дар за вербално изразување, а камоли за нешто повеќе. Верувајте, сум ги прашувал колкумина прочитале барем пет книги. Нема таков студент! Престанав да ги прашувам кога една студентка одговори дека ја прочитала „Зоки Поки“ – раскажува Ацески.

Сите сакаат да студираат: уписи на еден од скопските факултети

Според него, најголем дел од студентите не читаат, учат од скрипта, само за да стигнат до диплома.
- Тие се тотално неписмени, одговорно го тврдам тоа! Доаѓаат со телефони на предавања, си гледаат во екраните, се смешкаат среде предавање... Што да се каже повеќе кога од десет студенти што останале само еден-двајца можат да се носат со проблемот, другото сè е аут! Така се враќаме на почетокот. Што можат и што треба да работат тие луѓе? – вели Ацески.

Како трет проблем Ацески го посочува фактот што универзитетот воопшто не се приклучил кон модерната технологија на учење.
- Останати сме на ниво пред 30-40 години. Само што тогаш студентите барем читаа, навистина читаа. Библиотеките денес користат најелементарни алатки. Знаете ли што направи Еди Рама кога стана премиер на Албанија? Затвори 30 универзитети. Со катанец ги заклучи! Мора да се освестиме дека ни треба помош однадвор, од луѓе што знаат што прават, што имаат авторитет и капацитет да направат коренита реорганизација на системот, на предметите. Во Македонија социологија и социјална антропологија се студира на 3-4 места, а ние меѓу себе немаме никаква врска. Неопходно е да се почне одново, од почеток. Бидејќи дипломата во најголем дел веќе ја нема таа вредност. За овие прашања мора постојано, отворено и реално да зборуваме. Бидејќи студентите воопшто не се виновни. Мора да притискаме нешто да се направи. Тоа мора да го сториме за младите – вели Ацески.


Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема