X
 25.03.2021 Образование

Во 2020 година магистри станале 1.758 лица, а доктори на науки 174. Општествените науки - најпривлечни за постдипломски студии

Вкупно 1.758 лица минатата година магистрирале, а 174 докторирале, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Оттаму посочуваат дека е забележан пад на бројот на лица што магистрирале, специјализирале или докторирале во споредба со 2019 година.

Поточно, во 2020 година звањето магистер на науки и специјалист го стекнале вкупно 1.758 лица, од кои 1.533 или 87,2% се магистри, а 225 или 12,8% се специјалисти. Бројот на магистри и специјалисти во споредба со 2019 годинa е намален за 8,2%.

Учеството на жените магистри во вкупниот број на лица што стекнале научен степен магистер на науки во 2020 година изнесува 58,2%, наведуваат од ДЗС.

Додаваат и дека во 2020 година најголем број од магистерските трудови, 967 или 63%, се од областа на општествените науки, 22% се од областа на техничко-технолошките науки, а останатите се од областа на хуманистичките, природно-математичките, биотехничките и медицинските науки.

Доколку разгледаме по универзитети, може да заклучиме дека најмногу магистри излегле од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, вкупно 602, од кои 373 жени. Најголем дел од магистрите на овој универзитет се на возраст до 29 години (403), а потоа следуваат оние што имаат повеќе од 40 години (81), па оние на возраст 30-34 (67) и од 35-39 (51). Во рамките на УКИМ, најмногу магистри лани излегле од Правниот факултет, вкупно 178, а потоа следуваат Архитектонски со 83, Филозофски со 73, Економски со 67, Факултетот за електротехника и информациски технологии со 49, Градежен со 46 итн.

Во однос на другите универзитети, од „Св. Климент Охридски“ во Битола излегле 86 магистри, од „Гоце Делчев“ во Штип 29, од Државниот универзитет во Тетово 149, од „Св. Апостол Павле“ во Охрид 2, од „Мајка Тереза“ во Скопје 9, од „АУЕ-ФОН“ 74, од ЈИЕ-Тетово 258,, од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје 113, од Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ - Свети Николе 40 итн.

Најмногу специјалисти, пак, излегле од АУЕ-ФОН, вкупно 82, а потоа следува УКИМ со 48.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2020 година звањето доктор на науки го стекнале 174 лица, што претставува намалување за 14,7% во споредба со 2019 година.

- Најголем број од лицата докторирале во областа на општествените науки, 40,8%, потоа на медицинските науки докторирале 27%, следуваат хуманистичките науки со 13,8%, а останатите лица докторирале во областа на техничко-технолошките науки, природно-математичките науки и биотехничките науки - стои во соопштението.

Бројот на жени што одбраниле докторска дисертација во текот на 2020 година изнесува 99, што претставува 56,9 % од вкупниот број лица што докторирале во 2020 година. Од вкупниот број докторирани лица, најголем процент, 24,1%, својата професија ја вршат во образовната дејност.

Насловна фотографија: Freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование