При запишувањето на факултет на сите ни е важна можноста за вработување по дипломирањето. Трендовите кај вработувањата се менуваат, но сепак постои некаква константа.
Порталот „
Кариер каст“ состави список на десетте најперспективни професии за 2017 година со предвидување дека со промената на климата на пазарот на труд само дополнително ќе добиваат на значење.
Овој список се заснова на четири фактори: работно опкружување, приходи, побарувачка и ниво на стрес кое е вклучено во природата на професијата. Интересно е дека на врвот на списокот доминираат професии што се темелат на здравство и математика. Се предвидува дека таквите резултати нема да се променат ни во блиска иднина.
Логопед
Комуникацијата е особено важна во современото општество. Логопедот е експерт кој се занимава со превенција, дијагностика, терапија и научно истражување на нарушувањата во говорот, гласот, говорниот и пишаниот јазик кај децата, возрасните и постарите лица. Работата е интересна и може да се работи во различни опкружувања со различни возрасни групи. Оваа професија со години наназад се наоѓа на списокот со дефицитарни професии.
Работен терапевт
Работните терапевти работат со деца и возрасни лица со намалени телесни и ментални способности на нивна едукација и оспособување за самостојно извршување на секојдневните активности.
Софтверски инженер
Во поново време ниту еден список со посакувани професии не може да помине без информациските експерти. Софтверското инженерство се наоѓа меѓу 10. најдобри професии во светот. Кај нас или во странство, работното место им е обезбедено.
Математичар
Кога некој ќе ја спомене професијата математичар, првата асоцијација е професор по математика. Но во светот тоа е сè побарана професија, а побарувачката и натаму ќе се зголемува. И тоа за 24 проценти до 2024 година. Денес постојат низа подрачја каде што се бараат математичари: од финансии, здравство, наука, градежништво... Годишната плата им е речиси „директорска“. Не е тешко да се собере 2+2 за да се видат потенцијалите на „најомразениот“ предмет за многу ученици.
Универзитетски професор
Вашите „мачители“ се угледни членови на академската заедница со добра работа и уште подобра плата. Ако случајно веднаш „позеленавте“ од завист, помислете само колку тие морале да се измачат за да ги добијат сите оние д-р, спец., м-р… кратенки пред своето име.
Експерт за обработка на податоци
Пред десетина години оваа професија и не постоеше, а денес е „професијата на 21 век“. Подрачјето на интерес на овие експерти е широко: со помош на податоци, математика и програмирање се одредува расположението на луѓето на социјалните мрежи, се одобруваат банкарски кредити, се планираат маркетиншки кампањи, се изведуваат генетички истражувања, се конструираат интелигентни роботи, се предвидуваат резултати на избори. За да ја вршите оваа професија мора да поседувате знаења за програмирање, статистика и математика.
Експерт за информатичка безбедност
За да се заштитиме од хакери и кражби на доверливи информации на интернет, сите големи компании вложуваат значајни износи во информатичка безбедност.
Актуар
Убаво звучи, а и добро се плаќа. Актуарот е експерт кој со помош на математички методи од теоријата на веројатноста, статистиката и финансиската математика се занимава со проблемите на финансиска неизвесност и ризик. Оваа професија е прогласена за една од најдобрите на светот, а и кај нас може добро да се заработи. За да се стане дел од оваа мала група луѓе, треба да се поседуваат добро развиени математички и комуникациски вештини, како и креативност.
Менаџер за медицински услуги
Оваа професија сè уште не е многу развиена кај нас, но во светот котира мошне добро. Нивна главна задача е организација и менаџирање со клинички и болнички установи.
Статистичар
Статистиките покажуваат дека една од најперспективните професии е статистичар. Собирањето и анализата на податоци се значајни операции во многу области, а интересот за статистиката расте од година на година.