Студенти си најдоа брз и едноставен начин за заработка, препродавајќи ги ваучерите за
таблети кои неодамна им ги додели Владата.
На интернет може да се најдат повеќе огласи за продажба на истите, за многу пониски цени
од вредноста на ваучерот која изнесува 8 илјади денари. Тие ги препродаваат и веќе
набавените таблети по цени од 6 или 7 илјади денари.
„Продавам ваучер за таблет од вредност 8.000 денари. Повелете... Цената е фиксна- 6.500
денари„ напишал во огласот, студентот Дарко.
„Се продава нов таблет купен со студентски ваучер. Цена 7.000 денари„- стои во огласот на
студентот Владо.
Му се јавивме на првиот студент со ваучерот да провериме како би одела продажбата со оглед
на тоа што истиот гласи на негово име и презиме.
- Тоа не е никаков проблем. Ќе дојдам со вас во продавницата, вие ќе одберете таблет, а јас ќе
го платам со ваучерот. Или можете да одберете на интернет страниците од поголемите
продавници, па ќе ме чекате таму, ќе ми дадете пари, а јас ќе го купам. Вака е полесно, за да
не бидеме сомнителни. Јас мора со лична карта да го подигнам- вели студентот.
Го прашавме и зошто го продава ваучерот.
- Искрено, не ми дошло до таблет. Имам за плаќање сметки на факултет. Ќе покријам некоја
дупка со 100 евра. И јавете ми се дали ќе го земете ваучерот, има многу заинтересирани – ни
рече Дарко.
На Интернет може да се најдат и огласи од граѓани кои бараат да купат ваучер за таблет, а
цените се движат од 5 до 6 илјади денари.
Инаку, на самите ваучери пишува дека може да ги искористи само сопственикот. Наведено е
име и презиме и број на лична карта или патна исправа. Истиот може да се искористи
најдоцна до 25 јуни.
Министерството за информатичко општество и администрација, преку кое оди постапката за
добивање ваучер за таблет со надворешна тастатура, објави дека досега пристигнале 7.290
барања, одобрени се 5.079, а 1.900 студенти се уште не ги подигнале ваучерите.
- Би апелирал до нив што е можно побргу да ги подигнат ваучерите и да ги искористат до 25
јуни за да набават таблет со тастатура – изјави министерот Иво Ивановски.
Според Игор Кимовски, еден од сопствениците на компанијата „СЕТЕК“, студентите
претежно одбираат таблети до 8.000 денари, колку што е вредноста на ваучерот.
- За тој износ навистина можат да се купат добри производи од премиум класата. Таблети
може да се земат и за многу пониска цена за 2.000 до 3.000 денари, но за овој износ може да
се земе премиум бренд со одличен квалитет и слика - изјави Кимовски.
МИОА објави дека 1.701 барања на студенти се одбиени поради повисоки приходи утврдени
со Законот и уште 145 поради неисполнување на условите од Законот во однос на студиската
програма.
Од продавниците кои се вклучени во проектот велат дека никој нема да може да подигне
таблет ако не приложи личен документ.
- На ваучерот се јасно наведени личните податоци и корисникот ќе мора да покаже документ,
во спротивно нема да може да го услужиме. А тоа дали подоцна ќе го продаде истиот, тоа не е
наша работа- ни рекоа во една од поголемите компании за ИТ опрема.
Владата објави дека со овие ваучери сака да им излезе во пресрет на студентите кои се од
семејства во кои вкупните месечни приходи не го надминуваат износот од 32.741 денари
бруто приход. Ваучер за таблет може да добијат и само редовни студенти запишани за прв пат
во трета и четврта година на прв циклус на студии во учебната 2014/2015 година, како и
студентите кои се евидентирани како лица со посебни потреби запишани во било која година
на студии во учебната 2014/2015 година.