Бугарија се смета за една од најважните земји на Балканот. Земјата е полна со историја и туристички атракции, а главниот град нуди голем број можности и места за посета.
Што ја прави Софија толку интересна?
Постојат многу причини поради кои треба да ја посетите Софија. Сепак, една од најважните е историјата која таа ја нуди. Каде и да се погледнете, можете да најдете стара џамија од Отоманската Империја, постара римска католичка црква или пак зграда од периодот на Советскиот сојуз.
1. Патувајте и научете за црквите во Софија
Никој не може да ви ја раскаже толку добро историјата на Софија колку црквите. Можете да започнете со црквата Св.Софија, изградена во 6 век. Продолжете со Св.Ѓорѓи Ротонда изградена од императорот Константин, која е најстарата црква во Европа која се`уште функционира. Во Софија е забрането да се фотографира во црквите, што е навистина штета бидејќи самите ѕидови на црквите содржат историја.
Потоа можете да ја посетите раскошната катедрала Алсександар Невски изградена од донациите на граѓаните на Софија. Катедралата претставува симбол на верата и гордоста. Друг неверојатен сведок на историјата е малечката црква Свети Петка, изградена за време на Отоманската империја која изгледа како нормална куќа, меѓутоа во неа крие прекрасен ентериер, полн со бои и духовна уметност.
Нешто што мора да го направите во Софија е да го посетите плоштадот Света Недела, местото кадешто бил основан градот. Таму можете да видите „рамо до рамо“ православна црква, исламска џамија, еврејска синагога и католичка црква. Сите тие делат ист голем плоштад и една од најголемите крстосници на градот. Ова не е само историја, туку и вистинска лекција за сегашноста и иднината - живејте во мир и почит, без разлика на верата и од каде доаѓате.
2. Следете ги улиците со жолти тули
Додека шетате низ Софија, обидете се да погледнете и да ги побарате улиците направени со жолти тули. Тоа е знак дека се наоѓате во најбогатата област во градот.
Тука постојат не само убави и добро изградени објекти, туку тие се големо наследство од големиот момент кој Бугарија го живеела во 19-от век. Тие се одличен пример за нео-барок и виенски стил. Народниот театар е скапоцен камен на Софија, опкружен со прекрасна градина.
Но, патувањето низ архитектурата не запира тука - доколку ги следите жолтите тули можете да стигнете до Парламентот, Националната галерија и многу други приватни згради кои имаат прекрасни украсни фасади.
3. Одморете се во парковите и запознајте се со локалните жители
Бугарите се пријателски расположени луѓе, без никаков проблем за комуникација и секогаш со насмевка на лицето. Не постои подобро место за запознавање на нови луѓе од парковите низ градот. Доколку ги посетите сите топ атракции во Софија ќе видите дека повеќето од нив се опкружени со прекрасен зелен парк.
4. Вкусете ја локалната храна
Доколку имате можност да го посетите пазарот, можете да пронајдете свежо овошје и зеленчук, домашни колачи, маслинки, познатиот јогурт и сирење. Нема шанси да не ви се допаднат. Покрај храната, самата конструкција на пазарот е убава, а пазарот е чист и организиран.
Во Бугарија, историјата, архитектурата и храната имаат големи влијанија од другите земји како Турција, Грција и Русија. Резултатот е одличен микс на вкусови и рецепти.
Доколку сте гурман, задолжително треба да посетите традиционален бугарски ресторан и да пробате „мезе“.
5. Ноќен живот
Ако патувате во Софија, задолжително е да излезете во ноќен клуб бидејќи оваа земја е позната по најдобриот ноќен живот - клубовите, баровите, пабовите и рестораните нудат разни видови на музика, такашто дефинитивно ќе го погодат вашиот стил.
Кога зборуваме за ноќен живот, важно е да се спомене културниот живот во Софија. Театри, меѓународни концерти, музеи, градот никогаш не престанува, секогаш се случува нешто.
Како да патувате низ Софија?
Иако е главен град на Бугарија, сепак Софија е град со средна големина. Јавниот превоз нуди трамвај, метро и автобуси, меѓутоа нема потреба да ги користите; секаде можете да одите пешки бидејќи е блиску, а јавниот превоз ќе ви биде потребен да одите до аеродром, автобус и железничка.
Иако не мора да го користите метрото, сепак треба да ја посетите Сердика станицата бидејќи таа не само што е станица, туку и музеј.