X
 12.12.2018 Наша тема

Средно во Кавадарци завршил за три години, сега во Бугарија учи за математичката страна на програмирањето

Mатематиката се учи како нешто многу тешко, многу строго, без примери од реалниот живот. Многу често професорите ги предаваат лекциите како редица од теореми, закони и правила кои учениците треба да ги запомнат и да ги приложат наместо да им покажат како самите теореми, закони и правила биле измислени, какви биле проблемите, како биле решени и така натаму, вели магистрандот Мартин Стоев


Многу студенти од Македонија трката за квалитетно образование ја трчаат во соседна Бугарија. Еден од нив е и кавадарчанецот Мартин Стоев. Тој во моментов е на магистратура на насоката Логика и алгоритми на Факултетoт по математика и информатика на Софискиот универзитет.
Средното образование во Кавадарци го завршил една година побрзо, т.е. завршната ја поминал само со испити за време на третата година. Стоев вели дека за разлика од универзитетските студии, во средно образование професорите се задолжени да држат средно ниво на научен материјал за сите ученици, т.е. се движат со темпо на кое поголем дел од учениците можат да реагираат.
- За мене тоа темпо беше малку бавно, па затоа решив да се приспособам на начин на што мене ми одговара, за повозбудлива иднина. Исто така, сакав да ја променам монотоноста што го облива Кавадарци, секој ден едни исти ритуали, како да живееме во матрица. Обожавам нови предизвици, и ова беше еден од нив. Се уверив дека сепак можам да ги достигам целите што си ги поставувам - вели Стоев за Факултети.мк.


Со колегите на факултет

Велите дека средно училиште сте учеле компјутерска техника и автоматика, електроника, електротехника, многу малку практично програмирање и никаква математичка теорија на програмите и програмирањето. Ни недостига ли практична настава во средното образование, како лично Вие ја надоместивте?

- Јас сум еден од малкутемина што мислат дека практичната настава не е важен дел од суштината на еден предмет во едно техничко средно образование, а уште помалку на универзитетски студии, сепак, има исклучоци. Го делам ова мислење затоа што средното образование треба да е место каде што еден ученик ќе може да се запознае со различни сфери, да погледне на истите проблеми од различни агли, а и малку да се запознае со тоа што сѐ е возможно. Овие цели не може да се постигнат ако за сите области се спроведува практична настава. По завршувањето може да се избере нешто со потесен круг и да се продолжат истражувањата.
Големиот проблем што ме мачеше за време на годините во средно образование и воедно првите години од универзитетските студии беше како со тоа што го учам ќе успеам да најдам работа, и каква ќе биде таа работа. Можеби нема да бидам доволно добар, можеби нешто сум заборавил да научам за време на студиите, а воедно ќе ми треба за работа? Списокот со овие прашања беше поголем од прашањата на мајка ми: „Јаден ли си, се наспа ли...?“ Кога почнав со работа, сфатив нешто од кое сите тие прашања паднаа во вода. Си го поставив следното прашање и сфатив дека студирањето и работењето не зависат едно од друго (сепак, едното може да му помогне на другото). Како можеме со само четири години учење да се усовршиме толку многу, што потоа да работиме педесет години? Мојот одговор би бил дека четирите години подготвување се само мал чекор да ја засакаш областа што ја изучуваш за да се чувствуваш задоволен со својот избор, а за работата, т.е. следните педесет години, со секој изминат момент треба да учиме, практикуваме, измислуваме нови работи. Според мене, вистинското работното место е најдобриот учител по практична настава, или можеби само за мене работата беше најдобар учител.



Во последната година од студиите сте работеле. Колку е важно студентите да работат додека студираат и колку бугарското високо образование го овозможува тоа?

- Дополнителното работење придонесува за подобрување на таканаречените „soft skills“, кои придонесуваат за подобри позиции во работната сфера во иднина. Исто така, дополнителната заработувачка е секогаш добредојдена. Мислам дека секое образование овозможува дополнителна работа за време на студиите, најмалку сме имале слободни викенди. Студентите на техничките студии полесно наоѓаат работа тесно врзана со нивните интереси, додека за другите факултети, од моето набљудување, мислам дека е многу потешко.

Додипломски студии завршивте на Факултетот по математика и информатика. Зошто избравте да студирате во Бугарија?

- Желба ми беше да излезам малку подалеку од удобната зона и Бугарија изгледаше како прекрасно место. Блиску е, имаме слична култура, но сепак сме различни и нови луѓе. Но, најмногу ја избрав поради европската диплома, за која веќе сфатив дека нема никакво значење. Исто така, се запишав и на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, но откако ме примија во Бугарија, ми изгледаше како подобра опција, со која и денес сум задоволен. Мислам дека е убаво да кажам за сите што се чудат каде да ги продолжат студиите дека Бугарија има убави услови за сите странски студенти, толеранција, стипендии, убав студентски живот и многу други подробни удобности.


Учење до доцна во ноќта

Како Ви минуваа првите студентски денови, колку брзо се вклопивте во тамошното образование?

- Најголема среќа за време на првите денови беше цимерот од Струмица. Се видовме во Бугарија првпат и беше добро чувство кога знаеш дека има некој друг што поминува низ истата приказна. Задоволен сум што првите месеци не познавав Македонци на факултетот, па тоа ми овозможи побрзо да го научам јазикот. И покрај тоа што е сличен, сепак, потребно е малку запознавање. За време на првите предавања повеќе запишував нови зборови отколку материјал, кој  е важниот дел од лекцијата, но на некој начин учењето на новите зборови, реченици ми помогна редовно да ги читам лекциите, па така лесно го научував материјалот. Првата година за време на студиите изучивме повеќе од 6 различни математики, т.е. сè беше точна наука и немаше тешкотии со вклопувањето во бугарскиот образовен систем.

Студиите Ви овозможиле еден семестар да го поминете во Германија. Какво искуство беше тоа за Вас?

- Прошетката во Германија беше за еден семестар на Универзитетот во Вупертал, каде што се забавувавме со имплементирање на алгоритми од приложната математика за суперкомпјутери. Престојувавме во студентски дом, кој беше како мал луксузен апартман. Времето поминато таму придонесе многу за мене, конечно по неколку години можев да направам споредба на образованието во Бугарија со некоја понапредна држава. Бев зачуден дека немаше разлика, начинот на предавање беше сличен како и количината на предаден материјал, но сепак нивото на дисциплинираност беше многу повисоко.

Кое научно поле е всушност Ваш најголем интерес?

- Кој се заиграл еднаш со програмирање, засекогаш ќе се забавува со програмирањето. И мојата историја не е нешто поинаква, започнав со програмирање на прости мали задачи и можноста да направам нешто за малку време и да проверам дали е точно или не, ме влечеше секојдневно да продолжам со програмирање. За време на универзитетските денови започнав да се восхитувам на математичката страна на програмирањето, поточно што сѐ е возможно да се пресмета со програмирање, колку е минималното време за даден проблем, проблеми за оптимизирање и слично. Оваа математичка страна на програмирањето ми стана многу интересна поради тоа што не треба да се пишува код. Едноставно одговорите се кријат зад логичкото мислење и познавања на теорија на графови, динамично програмирање, дизајнирање и анализирање на алгоритми и други слични теми.


Мартин Стоев (лево) со колегите

Со каков успех ги завршивте студиите?

- Студиите ги завршив со успех 5,80, или околу 9,80 во македонскиот образовен систем. Проблемите со успехот беа неколку бизнис ориентирани предмети кои не ми беа интересни. Моето мислење е да не си го трошам времето со работи што не ми се интересни, но сепак да имам мали познавања за да знам дека не сум пропуштил нешто. На нашиот факултет, за разлика од повеќето други, на крајот на студиите имавме тест со материјал од сите предмети, нешто како екстерно тестирање. Недостигот на време во последната година од студиите влијаеше врз крајниот тест. Поради работата, успеав да одвојам само неколку дена за подготовка. Но, сепак, бев задоволен со оценката што беше околу деветка.

Сега сте на магистратура - Логика и алгоритми. Кажете ни нешто повеќе за магистерските.

- Магистратурата ми е на истиот факултет на кој дипломирав. Главните интересни теми се: теорија на множествата, теорија на крајните автомати, пресметливост и теорија на сложеност, математичка и модална логика. Повеќето се апстрактни теории кои се основа на многу други гранки во математиката и информатиката. Има една многу убаво подредена страница во Wikipedia каде што има вовед за неколку теми кои приближно ја опишуваат мојата опсесија.

На оваа насока сте само двајца магистранди. Велите дека нема многу фанатици за математички науки. Како може децата повеќе да ја засакаат математиката, што може да се направи во овој поглед бидејќи нема интерес за студирање на математика во Македонија?

- Ние сме само двајца затоа што нашата магистратура е теоретската страна на практичното програмирање и повеќето од инженерската сфера на програмирањето кога ќе започнат со работа, целите им се насочени кон успех во водите на бизнисот. Точно поради оваа причина, многу студенти што започнале со работа за време на студиите често го оставаат студирањето настрана. Учењето на англиски јазик и учењето на математика се две многу слични работи. И во двата случаи треба да се запознаеме со базните потреби (на пример, букви, бројки во англискиот или аксиоми, множества во математиката, т.е. некакви симболи на кои ние им даваме некакво значење). Исто така, имаме различни правила со кои понатаму создаваме посложени структури (на пример, правила за создавање зборови, реченици, минато, сегашно, идно време во англискиот или различни закони, теореми, теми во математиката). Сепак, учењето на англиски е секогаш позабавно, поминува и низ различни игри, песни кои помагаат за полесно совладување на материјалот. Додека математиката се учи како нешто многу тешко, многу строго, без примери од реалниот живот.

Многу често професорите ги предаваат лекциите како редица од теореми, закони и правила кои учениците треба да ги запомнат и да ги приложат, наместо да им покажат како самите теореми, закони и правила биле измислени, какви биле проблемите, како биле решени и така натаму. За учениците да можат да го следат мислењето на големите математичари. На пример, кога се учи за Питагоровата теорема, никогаш не се раскажува историјата - зошто и како таа била измислена, или како во древен Египет ја користеле математиката за пресметување на многу интересни проблеми врзани со земјоделството, градежништвото, кои за денешниот човек се доста лесни за разбирање, а сепак помагаат за развивање на логичното мислење. Имам чувство дека начинот на предавање на математика е истиот како за времето на светските војни, кога математика се учело за да може за време на војната да има кој да ги пресметува големите матрици полни со бројки, со цел точни пресметки на военото поле, поточно каде ќе слетаат бомбите. Додека во денешен ден за слични цели имаме компјутери, кои го прават тоа, а ние треба само да ги подучиме и да им го покажеме правилниот начин како да го сторат тоа.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева/milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема