X
 16.10.2022 Наша тема

Од чекањето да ја слушнам „Магија“ до запознавањето со сопругот, Тоше ми го одбележа животот, вели Александрина од Велико Трново

На еден или на друг начин, Тоше е поврзан со секој аспект од мојот живот, вели Александрина Насковски од Велико Трново, Бугарија, една од многубројните чувари на споменот на најголемата македонска ѕвезда. Александрина првпат слушнала за Тоше кога имала 11 години и тој бил главната причина да го научи македонскиот јазик, да стекне трајни пријателства со многу обожаватели на Тоше, како од Бугарија така и од Македонија, а универзумот така ги сплел нештата што сето тоа резултирало и со брак со Македонец.

- Првиот спомен од Тоше е многу мил и сладок момент од моето детство. Имав 11 години кога излезе песната со Есма - „Магија“. Имаше една бугарска телевизија која ја пушташе песната секој ден попладне речиси во исто време и нема да заборавам никогаш како брзав да си ги напишам домашните за да чекам да го видам „баткото со убавите очи“. Тоше имаше некоја необјаснива енергија која можеш да ја доловиш преку музиката, преку неговата искрена насмевка. Јас како дете бев воодушевена и секојпат се ежам кога го раскажувам тоа. Тоа беше првото нешто што буквално ме маѓепса, тоа беше таа „Магија“  што ми го смени животот - вели Александрина.

Тоше бил главниот мотив за таа да научи совршено да зборува македонски, со желба подобро да ги разбира песните и за да комуницира со обожавателите од Македонија.

- Дефинитивно Тоше е причината не само да го научам јазикот, туку и да го засакам до степен да го користам во секојдневието. Сакав да ги разберам неговите песни подобро, но најмногу да можам да комуницирам со обожавателите од Македонија и на Балканот за да можеме полесно да соработуваме. И токму преку таа комуникација научив да пишувам многу брзо, секако, правев грешки и секојдневно го збогатував мојот речник. Имав среќа еден од обожавателите на Тоше во Македонија да ми помогне во учењето и можам да кажам дека зборувам правилно и литературно поради неговата упорност и посветеност - истакна Александрина.

Александрина во Скопје

Магијата на „баткото со убавите очи“ ја донела во Македонија. Комуникацијата со македонските обожаватели на Тоше брзо прераснала во пријателства, па следувале и посети на другарите стекнати благодарение на таа магија и уште подлабоко поврзување со луѓе од Македонија.

- Моето прво патување до Македонија во 2012 година го чекав многу долг период. Гостував кај моја пријателка, прво во Скопје, а потоа и во Крушево. Беше чудно да се сретнеме очи в очи по долго време комуницирање само на интернет. За жал, не сум имала можност да одам на негов концерт, не сум ја почувствувала никогаш таа магија во живо. Но, кога комуницирам со луѓето, сфаќам како толку успешен човек како Тоше може да биде и толку скромен и добродушен. Такви се сите луѓе што сум ги сретнала во Македонија - отворени, љубезни и со чисто срце - вели Александрина.



Седум кутии полни со предмети поврзани со Тоше е колекцијата на Александрина, со која го чува од заборав балканскиот безвремен миленик. И ден-денес таа добива подароци од пријатели поврзани со нашата најголема музичка ѕвезда затоа што сите што ја познаваат и знаат колкава е нејзината љубов кон Тоше.

- Првиот албум што го добив беше „The hardest thing“ - ми го испратија по пошта и тоа беше настанот на годината за мене. Го носев на училиште и на кафе со пријателките за да се пофалам. Тогаш имав 16 години и мојата радост беше бескрајна... Имам дискографија, разгледници, поштенски марки, маици, приврзоци, постери, чаши, дивидија со концерти, подароци кои сме си ги размениле со други обожаватели. Но, најсреќна бев во 2018 година кога првпат лично влегов во продавница и си го купив албумот „Secret place“. А последниот подарок поврзан со Тоше го добив ова лето од моја блиска пријателка - поштенски марки и коверти направени по повод роденденот на Тоше - раскажува таа.



Александрина е една од многуте обожаватели на Тоше во Бугарија. Мостот што нè поврзува и ги руши сите граници - музиката и делото на Тоше - има многу плодови, од хуманитарни акции до многубројни пријателства.

- Во Бугарија има многу обожаватели на Тоше и постојано се запознаваме со луѓе кои сега се среќаваат со неговата музика. Ретко некој да почнал да ги слуша неговите песни, а да не се заинтересирал за неговиот живот и дело. А некои од нас повеќе од 13-14 години се држиме заедно, комуницираме и соработуваме и ден-денес. Средби има постојано во некој дел на Бугарија и најчесто се непланирани, тоа се и најсреќните моменти за нас. Во изминатите години имаме организирано хуманитарни акции, концерти во сали и клубови, помали настани во различни градови. Тоше бил и е инспирација за песни, книги и поезија. Верувам дека традициите нема да се сменат, желбата да им помагаме на луѓето и да продолжиме да ги запознаваме со неговата музика и дело нема да згасне - потенцира Александрина, додавајќи дека во Велико Трново има и други обожаватели, а дел од нив се и нејзините најдобри другарки.

Александрина со други обожаватели на Тоше

Од детството до денес, Тоше на еден или на друг начин го одбележува животот на Александрина, која е во брак со Никола од Скопје - љубов која на некој начин се родила благодарение на магијата на Тоше.

- Тоше е поврзан со секој аспект од мојот живот. Во годините кога јас сѐ уште го формирав својот карактер, Тоше беше најдобриот пример за вистинските човечки вредности – добрина, скромност, хуманост и, нормално, имаше големо влијание врз мене. Неговата музика ми беше друштво и во најосамените тешки денови во странство, исто така, и во најсреќните и празнични денови на моето семејство. Преку таа љубов и почит кон Тоше се запознав со многу луѓе, на кои можам да им се јавам во секое време за помош, за муабет, за што било. Сето тоа цврсто ме поврза со Македонија и на еден или на друг начин ме донесе и до запознавањето со мојот сопруг Никола. Сега ја градиме нашата иднина заедно, а ништо од тоа немаше да биде да не беше тоа попладне со домашните и песната „Магија“ - раскажува Александрина.



Таа верува дека пораката на Тоше е безвремена и може да допре до сите што се отворени да ја разберат.

- Тоше допре многу луѓе со својата мисија во животот - да дава без да очекува нешто за возврат. И верувам дека неговата порака е безвремена и допрва ќе допира до срцата на многумина што се отворени да ја разберат. Сите носиме во себе добрина и љубов, од нас зависи како ќе го живееме животот и каков поглед ќе имаме кон светот - заклучува Александрина.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема