Египет планира да изгради нов, „паметен“ град кој ќе биде новиот административен центар на државата и во него ќе живеат над 6,5 милиони жители.
Со него ќе се реши проблемот со зголемувањето на бројот на населението во земјата. Египет има дополнителни 2 милиона жители секоја година, според податоци од „Ројтерс“. До 2050 година населението на Египет треба да надмине 150 милиони, повеќе од 100 милиони жители што земјата ги има денес.
Фото: Каиро/Pixabay
Каиро веќе е пренаселен, па затоа новиот град ќе ги удоми младите генерации. Се проценува дека изградбата на новиот главен град ќе чини од 45 милијарди долари до 58 милијарди долари, а ќе биде голем околу 700 квадратни километри.
Тој ќе се наоѓа на 35 километри источно од Каиро, а во него ќе се наоѓаат најголемиот аеродром во земјата, највисоката кула во Африка, најголемата опера на Блискиот Исток, голем урбан парк, ново собрание и претседателска палата. Владата планира да премести 34 министерства во новиот град следниот јуни.
Многумина го критикуваат проектот бидејќи владата троши милијарди долари за него додека граѓаните се соочуваат со инфлација и невработеност.
Извор:
Interesting Engineering