X
 28.07.2015 Образование

За добро образование не се потребни милијарди

Корви Ракшанд беше прогласен за еден од десетте најинспиративни луѓе во Бангладеш годинава. Тој бил роден во богато семејство, но во последните осум години е на чело со невладина организација во едно од најсиромашните делови на Дака.


Додека патувал низ земјата на возраст од 21 година, тој сретнал група деца кои собирале шишиња кои потоа ги продавале. Тој го поминал денот со децата, а на крајот на денот едно девојче (6) му кажало дека нема дом и би сакало да оди со него.

„Се чувствував беспомошен, не знаев што да ѝ кажам. Морав да ја оставам тој ден, но решив да ја претворам грижата на совест во нешто позитивно“, вели тој.


Ракшанд одлучил да се фокусира на подобрување на животот на децата во Бангладеш, особено со фактот дека половина од населението е помладо од 25 години. Кога во Бангладеш се отвориле многу кол-центри, тој сфатил дека англискиот јазик нуди можност за вработување и сакал да ги научи децата да го зборуваат јазикот за да имаат подобра иднина.

Тоа не било толку едноставно како што изгледало на почетокот. На почетокот, луѓето се сомневале во неговите намери. Постепено успеал да собере 17 деца за да им предава англиски јазик. Тој изнајмил соба во градот и ја основал невладината организација „Јааго“.

Неговите родители го оставиле бидејќи тој одбрал ваков пат за него, а оттогаш Ракшанд зависел од локалните жители за храна и живеел меѓу најсиромашните луѓе во Бангладеш.


Наскоро, тој забележал дека многу деца се откажуваат од неговите часови бидејќи нивните родители ги загубиле работните места, па се решил да им помогне да најдат нови работни места. Тој купил две машини за шиење и на мајките им понудил евтини часови за шиење. Никој не бил заинтересиран. Потоа понудил бесплатни часови, но повторно без интерес. Потоа им понудил пари за да научат да шијат и жените се појавиле. Фустаните кои овие жени ги шијат денес се продаваат во Австралија.

Истовремено напредувале и часовите. Тој започнал да држи бесплатни часови преку интернет за оддалечените места. Организацијата сега има 10 онлајн-училишта. Младите професори добиваат шанса за практична работа со помагањето на реализацијата на наставата.

Организацијата постои веќе осум години. Ракшанд напредувал многу од денот кога зависел од родителите на децата кои ги подучувал. Неговиот најгорд момент бил кога еден негов ученик присуствувал на конференција на УНИЦЕФ.

„Тогаш сфатив дека сум направил нешто. Барем за една личност“, вели тој.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование