X
 20.06.2019 Наша тема

Студентите одушевија со ревијата „Декади“ на прославата за 60. роденден на ТМФ

Своите креации ги презентираа студентите од втора, трета и четврта година од Институтот за моден дизајн и инженеринг на облека, а под менторство на професорката и дизајнерка Лидија Георгиева.

Роденденот на Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје секоја година се прославува со завршна студентска ревија, конципирана според зададена тема и под менторство на професорката Лидија Георгиева. Но, оваа година е посебна поради големиот јубилеј - 60. роденден на ТМФ. Таква беше и ревијата, впечатлива, маркантна и со обележја од растењето на факултетот низ годините. „Декади“ ги одушеви гостите на роденденот. Ревијата претставуваше ретроспектива на изминатите шест децении преку стилска интерпретација на младите генерации.
Своите креации ги презентираа студентите од втора, трета и четврта година од Институтот за моден дизајн и инженеринг на облека, а под менторство на професорката и дизајнерка Лидија Георгиева.






Професорката Георгиева објаснува како течеле подготовките.
- Оваа година беше специфична поради 60-тиот роденден, па така решивме да ги интерпретираме изминатите децении во посебни блокови со по неколку дизајни, а оттука произлегува и насловот. Секако, не се работи за буквална реконструкција на дадениот период, туку тоа е стилска интерпретација на младите генерации. Во текот на самиот процес дојдов до сознание дека тие малку се запознаени со главните историски настани од втората половина на минатиот век, така што студентите мораа пред сѐ да направат истрага, да дојдат до клучни сознанија, па потоа да одговорат со нивен дизајн. Сето тоа се одвиваше преку изработка на амбиентални колажи, преслушување музика, разговор за социолошките промени предизвикани од неколкуте револуции, од хипи-движењето па сѐ до најновата - технолошка револуција - вели Георгиева.





Потенцира дека како професор, не поставува ограничувања на идеите, напротив, се обидува да го извлече максималниот ефект од секоја идеја.


Лидија Георгиева

- Го терам секој студент да го пронајде и да го даде најдоброто од себе. Процесот не беше лесен, но резултатот на ова патување сметам дека вреди, особено бидејќи е многу важно да градиме мостови помеѓу минатото и иднината, доколку сакаме да изградиме свој идентитет - вели Георгиева.

Фотографии: Томислав Георгиев
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема