X
 23.06.2020 Образование

Проф. д-р Александар Димитров, кандидат за ректор: Враќање на УКИМ на нагорна патека како висококомпетентна и релевантна научна образовна институција во регионот и пошироко

Факултети.мк ќе објави интервјуа со кандидатите за ректор на УКИМ


Со години наназад Владата и МОН речиси и не издаваат согласности за вработување на млади кадри на факултетите на УКИМ, односно бројот на такви согласности е шокантно мал во споредба со пензионираните вработени на УКИМ. Ако се продолжи со оваа политика за невработување, постепено за неколку години свесно го урнисуваме високото образование, вели проф. д-р Александар Димитров, кандидат за ректор на најголемиот државен универзитет во земјава. Тој е редовен професор на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, на институтот Eкстрактивна металургија. Димитров бил и декан на ТМФ, автор е на многубројни научни трудови, има и неколку патенти, а негова научноистражувачка област, меѓу другото, се и наноматеријалите.


Што прво ќе направите на УКИМ ако Ве изберат за ректор?

Со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како најстар универзитет во државата, треба да раководи личност која во нејзиното досегашно работење покажала вистински резултати. Идниот ректор треба да биде докажана личност во секоја од следниве области: наставно-образовната, научноистражувачката, издавачката, во менаџирањето во рамките на универзитетот, менаџирањето на општествени организации, регионалната и меѓународната соработка.
При моменталната сложена состојба на секојдневни и динамични промени во општеството, стопанството и образовните системи, неопходни се добро осмислени и брзи дејствувања и приспособување на тековните услови и трендови преку имплементација на нови знаења и вештини за стопанисување во модерното општество.
Доколку бидам избран за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, првите работи што ќе ги направам се:

- Уште веднаш ќе почнам постапка за воведување настава на далечинско учење, односно целосна реакредитација на сите студиски програми и нивно приспособување на новите услови. Паралелно ќе се залагам и за воведување на што поголем број студиски програми чија настава ќе се изведува на англиски јазик. За да се постигне оваа цел, треба да се исполнат сите законски услови, а тоа значи дека целиот циклус треба да помине низ сите тела на единиците и универзитетот за на крај да заврши со акредитација од Агенцијата за акредитација на Република Северна Македонија. На тој начин ќе обезбедиме нормално функционирање на универзитетот во секакви услови, а ќе овозможиме и студенти однадвор да се запишуваат на УКИМ. Со овие измени ќе се подигне и рејтингот на УКИМ во регионот и пошироко. За да се заврши овој процес, потребни се време и сериозна работа на сите вработени и ако се заврши во период од еден семестар, ќе биде голем успех, кој е можен со таков посветен и осмислен пристап.



Проф. д-р Александар Димитров


- Универзитетската автономија подразбира и финансиска и организациска автономија, академска слобода која ги опфаќа слободата на изразување, негување и поттикнување. Сегашната состојба е таква што финансирањето на УКИМ се изведува преку финансирање од основачот, односно Владата на Република Северна Македонија, и од сопствени приходи. За целосно воведување финансиска и организациска автономија на универзитетот, силно и посветено ќе се заложам пред сите релевантни фактори во државата, да го реформираат процесот на финансирање на универзитетите и да формираат годишни буџети за секој универзитет посебно. Ова значи дека УКИМ, само на овој начин, ќе може да ги формира буџетите за секој факултет и институт посебно. Единиците ќе можат да го планираат сопствениот развој, а универзитетот ќе може соодветно да ги награди вработените и да го подигне стандардот на ниво што го заслужува универзитетската фела.

- Активно ќе лобирам платата на редовен професор, која ја финансира Министерството за образование и наука, да се зголеми на 72.000,00 денари (1.200 ЕУР) во нето-износ. Соодветно, ќе се зголемат и платите на другите наставници и соработници. Со тоа наградувањето на наставниот кадар на УКИМ ќе биде избалансирано и на ниво со нивните колеги во регионот.

- Со години наназад Владата и МОН речиси и не издаваат согласности за вработување на млади кадри на факултетите на УКИМ, односно бројот на такви согласности е шокантно мал во споредба со пензионираните вработени на УКИМ. Ако се продолжи со оваа политика за невработување, постепено за неколку години свесно го урнисуваме високото образование. Доколку бидам избран за ректор, со сите мои сили, посветено и одговорно ќе се заложам да се запре овој процес и во период од неколку години со висока транспарентност да се вработат што повеќе млади кадри на УКИМ.

 

Имаме нов Закон за високо образование, кој беше најавуван на голема врата дека е во насока на враќање на автономијата на УКИМ, и негов развој. Колку, според Вас, овој Закон му помогна, а колку го забави напредокот на УКИМ?


- Новиот Закон за високо образование, како и претходниот, ги зголеми критериумите за избор во звања, но не донесе никакви суштински промени. Критериумите за избор се повисоки, а условите за работа останаа исти. Ниту има на повидок зголемување на буџетот за научноистражувачка работа ниту, пак, и тој таков каков што е функционира.
Квалитетно високо образование не се гради само со измени во Закон. Потребни се суштински реформи со создавање вистински предуслови за исполнување на законските обврски. Потребни се мерки за стимулирање и мотивирање на професорскиот кадар за да го даде својот максимум. Потребни се предуслови за нивна надградба, нивно усовршување и фаќање чекор со нивните колеги од развиените земји. Потребни се предуслови за вклучување на студентите, магистрандите и докторандите во научни проекти. Професорите имаат обврска да ги следат новите трендови и сè што е ново да им го пренесат на студентите. А како ќе го направат тоа без вработување на асистенти, без можност да работат на научни проекти, без можност да објавуваат трудови и без можност да учествуваат на меѓународни конференции.

Времето е одамна одминато. Научното истражување бара средства, млад кадар, опрема и студенти што ќе работат свои магистерски и докторски тези. Со моето научно искуство, стекнато на врвните европски универзитети, силно ќе се заложам да ги убедам институциите во државата да го сменат односот кон високообразовните институции и најбрзо што може да ги обезбедат сите услови за нормално работење на универзитетите. Ако не пристапиме веднаш кон решавање на овој горлив проблем, се плашам дека понатаму ќе биде доцна, ќе фрлиме во вода сè што сме граделе во последните 70 години.

На сите светски ранг-листи секоја година УКИМ оди сѐ подолу и подолу. Ако Ве изберат за ректор, што ќе преземете за да се смени оваа состојба?

- Надолната линија на рејтингот на УКИМ од година на година е сериозен проблем и бара итно преземање сериозни чекори и мерки за негово зголемување. Потребна е интензивна работа за зголемување на препознатливоста на УКИМ како сериозна образовна институција во земјата, регионот и пошироко. Создавање знаења наместо пренесување знаења го разликува високото образование од останатите нивоа на образование. Основен предуслов за изведување квалитетна универзитетска настава е меѓународно препознатлива и компетитивна научноистражувачка работа и меѓународна активност. Ќе го вложам целото мое знаење и искуство стекнато на УКИМ и за време на моите студиски престои на најпознатите европски универзитети, Кембриџ и Оксфорд, Велика Британија, за да се сопре процесот на паѓање на рејтингот на УКИМ и во еден разумен период да се подигне за неколку стотици места. Нема да биде лесно, потребна е повеќегодишна сериозна и макотрпна работа на менаџерскиот тим со учество на сите вработени и соодветен третман од страна на сите релевантни институции во државата.




Димитров во неговата лабораторија 



Научноистражувачката работа и бројот на објавени трудови во меѓународни списанија со фактор на влијание се клучни во критериумите за рангирање на универзитетите. Со години наназад МОН не финансира национални научноистражувачки и стручно-апликативни проекти. Ваквиот несериозен однос кон науката придонесува за намалена научна активност на универзитетот, а со тоа и намалување на рејтингот на УКИМ на Шангајската листа на универзитети. Време е да се направат вистински реформи во делот на финансирањето на научноистражувачката работа. Сериозно и посветено ќе се заложам пред сите релевантни фактори да се промени ваквиот однос, да се зголеми буџетот за научни истражувања, а следствено на тоа ќе се зголеми и меѓународната активност. Зголемениот буџет ќе создаде предуслови во еден разумен временски период Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ да се врати на правиот пат и да го достигне нивото на модерен и успешен универзитет во регионот, а понатаму и пошироко.

Мобилноста на студентите и кадарот на УКИМ и нивната меѓународна активност се исто така битен елемент во рангирањето на универзитетите. Покрај поддршката од познатите европски фондови, ќе се заложам за формирање одделение во рамките на УКИМ, по углед на познати светски универзитети, за реализација и стимулирање на студентите и на кадарот за олеснување и зголемување на мобилноста. Универзитетот, односно раководството на УКИМ треба да ја стимулира и поттикне желбата за меѓууниверзитетска мобилност на студентите, наставниците и истражувачите во земјата и во странство, без оглед на тоа дали тоа е само еден дел од студиите (семестар, академска година), или продолжување на студиите на друг универзитет. За реализација на оваа цел, неопходно е зголемување на учеството на универзитетот во европските рамковни програми (Н2020, Еразмус+, COST и др.), учеството во активностите на заедничкиот истражувачки центар (Joint Research Centre, JRC) и други програми.

Образовниот процес, студиските програми и бројот на странски студенти се исто така важен дел од критериумите за рангирање на универзитетите. Во таа насока, за постигнување академска извонредност и создавање поттикнувачка истражувачка атмосфера, ќе формирам фонд за финансиска универзитетска поддршка за пријавување и водење меѓународни проекти, соработка и вмрежување, финансиска поддршка за амбициозни истражувачки проекти, воспоставување ефикасна кадровска научна политика и адекватен план за воведување на младите истражувачи во работата, а со цел подигнување на рејтингот на Шангајската листа на универзитети.

Со години наназад науката е ставка за која се извојува очаен дел од буџетот. Каква трансформација на ова поле предлагате?

- Научноистражувачката работа е клучен сегмент за високообразовните институции. Основен предуслов за изведување квалитетна универзитетска настава е меѓународно препознатлива и компетитивна научноистражувачка работа. Во развиените земји студентите на втор и трет циклус на студии се финансирани од проекти кои, меѓу другото, обезбедуваат и средства за нивната школарина и плата. Најголемиот дел од овие проекти се финансирани од национални извори, односно од нивните институции задолжени за научноистражувачката работа.
Сведоци сме дека со години наназад Министерството за образование и наука не финансира научноистражувачки проекти преку кои ќе се овозможи вработување на дипломирани студенти чиј ангажман ќе биде единствено во функција на проектите, а се разбира под менторство на компетентни професори. Ваквиот несериозен однос кон науката придонесува за намалена научна активност на универзитетите, а со тоа и намалување на рејтингот на УКИМ на Шангајската листа на универзитети.

Ќе се заложам пред релевантните институции во државата одговорни за ваквата состојба, врз основа на сеопфатна анализа за настанатата состојба, да се примени истата политика на финансирање на научноистражувачки проекти како кај развиените земји, да се зголеми буџетот за научни истражувања и на тој начин да овозможат да се подигне нивото на научноистражувачката работа. Со тоа Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ може да го достигне нивото на модерен и успешен универзитет во регионот, а понатаму и пошироко. Само со таков пристап ќе се овозможи поголем број талентирани студенти да се вклучат во научноистражувачката работа на единиците на УКИМ, а од друга страна ќе се создава кадар кој понатаму ќе биде главна движечка сила на економскиот развој во државата. Исто така, ќе се зголеми и бројот на потенцијални кандидати што ќе учествуваат на конкурси за избор на универзитетски професори, а со тоа индиректно ќе се зголеми квалитетот на професорскиот кадар и рејтингот на УКИМ.

Понатаму, ќе предложам зголемување на нивото на финансирање на научноистражувачки проекти од интегративните средства на УКИМ со формирање нови форми на повеќегодишно финансирање во рамките на универзитетот со цел развивање мултидисциплинарност, а врз основа на однапред утврдени критериуми како што може да бидат број на факултети-учесници, број на трудови со фактор на влијание и др.

Се наоѓаме во време на избори и сметам дека сега е вистинскиот момент новата Влада сериозно да му пристапи на овој долгогодишен проблем во научноистражувачката работа и системски трајно да го реши со воспоставување на ново министерство за наука и технолошки развој. Министерството задолжено за наука и технолошки развој со сопствен буџет повеќекратно ќе го подигне нивото на научноистражувачката работа, а и долгорочно ќе го реши овој децениски проблем. Финансирање на научноистражувачката работа преку вакво ново министерство ќе му овозможи на УКИМ научно усовршување на кадарот, одржување чекор со современата научна мисла и негова препознатливост како успешен универзитет.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование