Издавачкиот центар ТРИ деновиве ја промовираше својата нова едиција на книги
поддржана од програмата Креативна Европа на Европската унија. Оваа уникатна едиција
се состои од седум висококвалитетни книжевни дела од автори како Роберто Болањо,
Мишел Фабер, Ласло Краснахоркаи, Норман Манеа, кои за првпат добиваат свои изданија
на македонски јазик. Проектот има за цел да го одведе читателот на книжевно патување
низ различните културни предели на Европа, како и да ја промовира книжевноста од
помалку застапените земји какви што се Унгарија, Кипар, Романија, Шведска. Она што
веднаш паѓа в очи е одличната реализација на овие дела, од мајсторски изработениот
превод до дизајнот и изгледот на секоја од книгите.
2666 од Роберто Болањо
превод oд шпански: Катерина Јосифоска
„Книжевната врска меѓу Европа и Јужна Америка отсекогаш била мошне силна, посебно
во Шпанија, која во минатиот век претставуваше втора татковина на некои од
најголемите писатели од континентот. И Чилеанецот Роберто Болањо значителен
дел од својот живот минува на медитеранскиот брег, во близина на Барселона. Таму
ги создава своите најпознати дела, кои и самите претставуваат еден вид книжевно
патување помеѓу овие континенти, раскажувајќи приказни кои често се случуваат во
различни културни средини.“
Четворица книжевни критичари од Европа тргнуваат во потрага по исчезнатиот германски
писател Бено фон Арчимболди, ѕвезда на светската книжевност и долгогодишен
сериозен кандидат за Нобеловата награда. Нивната потрага по славниот романсиер кој
се повлекува од јавниот живот ќе ги одведе до градот Санта Тереса во Мексико, каде што
одеднаш почнуваат низа мистериозни убиства на жени. Откако судбините на ликовите се
преплетуваат во петте дела на романот 2666, се чини дека меѓу серискиот убиец во
пустинскиот мексикански град и славниот германски писател постои неочекувана, иако не
сосем сигурна врска.
Меланхолија на отпорот од Ласло Краснахоркаи
превод од унгарски: Златко Панзов
„Една од задолжителните станици на книжевната прошетка низ Европа е Унгарија –
земја позната по својата јазична и културна специфичност. Сместена во центарот на
Европа, нејзината литература изобилува со силни книжевни гласови кои го освојуваат
европскиот простор на почетокот на XX век – Ендре Ади, Леринц Сабо, Деже
Костолањи, а подоцна и Ференц Јухас.“
Во своето култно дело Меланхолија на отпорот Ласло Краснахоркаи ги раскажува
низата мистериозни настани што потресуваат едно заспано унгарско гратче. Циркусот кој
ветува дека ќе го прикаже препарираното тело на најголемиот кит на светот пристигнува
среде глува зима и предизвикува бизарни озборувања кај мештаните. Се шепоти дека
циркусантите имаат злокобни намери, а преплашените жители се фаќаат за секаков
феномен во кој наоѓаат привиден спокој – музика, космологија, властољубие. Ликовите во
романот се незаборавни: злобната г-ѓа Естер, која крои планови да го заземе градот;
нејзиниот маж слабак кој се повлекол од светот; кревкиот Валушка со главата во облаци,
кој е наедно и херојот во книгата, единствената чиста и благородна душа...
Пурпурни и бели цветови од Мишел Фабер
превод од англиски: Ацо Пероски
„На литературната карта на Европа едно место има посебна улога и во историски и
во сегашен контекст – Обединетото Кралство, татковината на Шекспир, Блејк,
Дикенс, Вулф, Орвел, Пинтер. Особено интересен и богат за анализирање е периодот
на владеење на кралицата Викторија, познатиот викторијански период, златната
доба на романот: делата што се пишуваат во овој период се реалистични, полни со
ликови, густа нарација и богата содржина.“
Пурпурни и бели цветови нè води на патување во Лондон од XIX век, онаков каков што
никогаш не сме го запознале во класичната англиска литература. Тој ја раскажува
приказната за Шеќерче, деветнаесетгодишна проститутка коjа се бори да ги сочува
своето тело и својата душа. Кога ќе го запознае младиот и богат индустријалец Вилијам
Рекам, во него гледа шанса да започне нов живот. Но додека очајнички се обидува да го
задржи, таа мора да се соочи со морално пропаднатото општество, суровите и
безмилосни луѓе, и со сопругата и ќерката на Рекам... Постмодерен роман во кој се
преплетуваат суров реализам, семејна сага, лирска љубовна приказна и ироничен
коментар на викторијанската книжевност – сите овие описи само делумно ја објаснуваат
суштината на ремек-делото на Мишел Фабер.
Цена на водата во Финистер од Бодил Малмстен
превод од шведски: Ивица Челиковиќ
„Шведска е следна станица на нашето патување низ европските литературни
пејзажи. Студените зими во оваа нордиска земја се покажуваат како плодна почва за
најразновидни жанри и добро познати светски автори – нобеловците Селма Лагерлеф
и Пер Лагерквист, авторката на Пипи долгиот чорап Астрид Линдгрен, како и
мајсторот на детективскиот роман Хенинг Манкел и на трилери Стиг Ларсон.“
На возраст од 55 години, никогаш-именуваната протагонистка на овој роман, одеднаш, од
нигде никаде, се качува во кола и заминува од својот роден град и татковина. Без никаква
посебна причина, се стационира во Финистер, или finis terrae, крајот на земјата. Овие
странци се сведоштво за првата година од комплицираниот и понекогаш „невозможен“
престој во Франција, пришто „да се биде среќен“, за протагонистката, е цел доволна сама
по себе.Додека ги следиме нејзиниот огромен ентузијазам и храбри обиди да создаде
прекрасна градина и да го уреди својот нов дом, битката со градината и нејзините
деструктивни инсекти станува еден вид метафора за животот. Уредувањето на новиот
дом, новата градина е всушност одново уредување на животот, делче по целче, цвеќе по
цвеќе, битка по битка.
Подвижен хоризонт од Даниеле дел Џудиче (добитник на Европската награда за
литература)
превод од италијански: Калина Јанева
„Еден од вековните центри на уметноста и филозофијата, татковината на Данте,
Бокачо, Голдони, Леопарди, Моравија и Еко, Италија е дом и на современиот писател
Даниел дел Џудиче. Прецизноста на исказот и неговиот специфичен светоглед за
слободата на личноста, за судирот помеѓу човекот и модерната технологија, за
проникнувањето на митовите и реалностa му даваат особена актуелност на
неговото творештво, што не останува непрепознаено кај публиката и критиката.“
Тргнувајќи на непознато патување, географско и книжевно, преку дневниците на неколку
претходни експедиции, ова книжевно патешествие нè води надвор од временските рамки,
во хипнотизирачкиот пејзаж на Антарктикот. Раскажувајќи за сопствената експедиција,
Дел Џудиче создава книжевен мозаик од животот и книжевноста. Пренесувајќи ни ги
суровите приказни за бродоломи, за бродови со месеци заглавени во мразот, за екипажи
и морнари на работ на очајот или уништени од лудило, тој реконструира
„хиперекспедиција“ која ги поврзува дамнешните патувања на старите истражувачи со
сопствената авантура. Играјќи си со разновидноста на овие различни перспективи и
гласови, авторот ни прикажува еден „подвижен хоризонт“ во просторот и времето –
хоризонт кој е, сепак, истовремено и постојан и долготраен во чувствата што ги
предизвикува.
Задолжителна среќа од Норман Манеа
превод од романски: Димо Н. Димчев
„Можеби не толку позната, но културно голема земја, богата со традиција и историја,
Романија е дом на некои од најпознатите книжевници и интелектуалци во европскиот
XX век (Ежен Јонеско, Емил Сјоран и Мирча Елијаде). Еден од нив е Норман Манеа, чие
културно милје и раслоениот идентитет, специфичноста на неговите човечки
доживувања, ги прават неговите писанија за холокаустот, човечките судбини под
комунизмот и егзилот, приказ не само на една епоха тука и на човековата душа.“
Мајстор на атмосферата, расказите на Манеа потсетуваат на традицијата на Кафка и
Гогољ, по употребата на гротескното и фантастичното и нивното суптилно мешање со
реалноста. Реалното и трагичното се испреплетуваат со апсурдното, гротескното и
бизарното. Во мачната атмосфера на животот под Чаушеску, Задолжителна среќа, преку
контрасти и необични детали, создава слика за животот во една гротескна полициска
држава, за политичките и личните драми, изразувајќи ги и теророт и надежта
истовремено, и стравот и солидарноста, и хумористичната тривијалност на секојдевното
и болната потрага по идеал. Сатирата, тоа моќно субверзивно оружје на отпорот, која
избива низ кафкијанските разговори и коментари, ја затвора оваа збирка со некој вид
парафраза на Алфред Жари, дека хуморот и сатирата се најдобрата одбрана пред
сериозните и загрозувачки нешта.
Експеримент од Мирто Азина Хрониди
превод од грчки: Емилија Мајсторова-Стојановска
„Мала островска земја во Источното Медитеранско Море, Кипар е дом на културни,
книжевни и цивилизациски артефакти, уште од антиката. За инспиративноста на
овој остров говори и фактот што најголем дел од драмата Отело на Вилијам
Шекспир се случува токму таму. Од оваа земја богата со традиција и историја уште
од најраните, антички времиња, доаѓа Мирто Азина Хрониди – авторка која критиката
ја воспева поради нејзиниот модерен и неконвенционален стил на пишување. “
Пишуван како своевиден роман на тек на свеста, Експеримент е уникатно книжевно
доживување. Специфичен и невообичаен по својата структура, тој е двобој на двајца
љубовници кои ги вкрстуваат перата и преку својата приказна создаваат една заедничка.
Запишувајќи го текот на мислите врз белата хартија, тие всушност прават истражување
на длабочините на човековата душа и на повеќеслојноста на еротската љубов. Низ
фрагменти и приказни во кои се преплетуваат множество необични ликови – од Исус
Христос до Силвија Плат, Тој и Таа – протагонистите на овој необичен роман – ја
раскажуваат љубовта меѓу жената и мажот – сопствената, но и онаа во која секој може да
се препознае.