X
 21.08.2015 Образование

УГД на 500 најдобри студенти ќе им обезбеди стипендии

500 најдобри студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ ќе добиваат стипендија во висина на нивната партиципација. Денес проректорот за наука на УГД проф. д-р Блажо Боев информираше дека овој фонд за стипендирање на студентите се формира како резултат на долгогодишната соработка со бизнис секторот, кој ќе помага во обезбедување на средствата за стипендирање на студентите на УГД.




-    Според нашата темелна определба бизнис заедницата да влезе во поголема соработка со УГД, формиран е фонд за стипендирање на студенти со поддршка од бизнис заедницата. Во почетокот на учебната 2015/2016 година ќе се доделуваат првите стипендии. Тоа е фонд кој е финансиран од бизнис секторот. Во текот на зимскиот семестар фондот ќе распише 300 стипендии за студентите на УГД и во текот на летниот период 200 стипендии. Стипендии ќе добиваат најдобрите. Станува збор за фонд кој ќе го управува Универзитетот, но внатре ќе има претставници и од бизнис заедницата - изјави проректорот за наука проф. д-р Блажо Боев.

Критериумите за добивање на стипендиите ќе бидат разработени дополнително, но можност за стипендирање ќе имаат само студентите кои се во втора година или над втора година од студиите. Со овие стипендии нема да бидат таргетирани студентите од прва година, затоа што тие се на почеток и како дел од критериумите ќе биде успехот постигнат на факултетот. Студентите го истакнаа задоволството и изразија благодарност од овој потег на Универзитетот „Гоце Делчев“. 

-    Од името на студентската организација сакам да ја поздравам оваа иницијатива на УГД за формирање на фонд за стипендирање. Тоа за нас значи еден огромен мотив, создавање на конкуренција меѓу студентите, со цел да се подобрат успехот и квалитетот на студентите. Бројката на 500 стипендии е огромна бројка, а стипендијата во многу ќе го олесни студирањето на тие студенти. Упатувам благодарност од страна на студентската организација до УГД и сите компании кои се вклучени од бизнис секторот и ќе го финансираат овој фонд за стипендирање - изјави претседателот на Студентскиот парламент на УГД, Горан Стаменков.

Конкурсот ќе биде распишан на почетокот од студиската 2015/2016 година. Планирано е овој конкурс да се распишува редовно. Следната фаза е фондот за стипендирање да влезе во преговори со бизнис заедницата, кога тие ќе стипендираат студенти на месечна основа.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование