Претставниците на студентскиот пленум, откако ги напуштија преговорите со образовните власти на крајот на минатата академска година, сега повторно размислуваат да бараат да бидат вклучени во нови преговори. Засега не знаат што точно ќе прават во новата академска година, откако минатата година штрајкуваа и прогласуваа автономни зони по факултети низ државата.
- За ова наредните денови ќе имаме состанок на кој сите заедно ќе ги одлучиме целите, барањата и начинот на дејствување на пленумот во новата академска година. На 15 септември би требало да биде јасно се`. Очекувајте повторно да се активира пленумот со сите свои сили. Од 15 септември па натаму започнуваме онаму каде што завршивме минатата година и посилни. Веруваме дека ќе придонесеме и за нов Закон за високо образование и за целото општество - велат пленумци.
Тие пред околу четири месеци ги напуштија преговорите со одговорните во Министерството за образование и наука. За нив, владатa била нелегитимна па поради тоа, тие едногласно изгласале излегување од работните групи за законот за високо образование и прекинување на секаква соработка со МОН и останатите институции. Во Студентски пленум рекоа дека ќе продолжат да бараат решение за подобро образование, но без МОН. Како за тоа ќе се борат надвор од институциите, останува да се види.
Активности најавува и движењето Средношколски пленум. Тие пред неколку дена одржаа панел дискусија во Паркот на новинарите.
- По дискусијата се` уште немаме официјално одлучено што ќе се случува иако работиме на разгранување на нашата мрежа, координација, на евалуација за претходно сработеното. Во опција се повеќе можности за кои дополнително ќе информираме - велат учениците кои се дел од движењето Средношколски пленум.
По објавениот текст со наслов "Студентски пленум пак ќе бара преговори
иако институциите ги прогласи за нелегитимни" Студентскиот Пленум се
огласи со демант во кој се вели:
Студенсткиот пленум ја демантира
веста поточно насловот од веста објавена на факултети.мк. Во текстот
никаде не тврдиме дека бараме преговори, напротив дека се дебатира за
активностите кои ќе ги превземе наредниот период СП.