X
 29.04.2020 Образование

Адеми: Ако се укине матурата, на популарните факултети ќе мора да се полагаат квалификациони испити

Министерството за образование и наука сè уште нема одлука дали ќе има полагање на државната матура или кога би се полагала. Ова на денешната прес-конференција го потврди и министерот Арбер Адеми. 

Тој изјави дека деновиве Владата ќе донесе решение за државната матура, заедно со пакетот мерки и уредби за повеќе прашања од образованието. Или ќе се полага во јуни или ќе се одлучи оваа генерација да не полага матура.

- Ако се донесе решение да не се полага државна матура, тогаш ќе треба да се полагаат квалификациони испити на високообразовните институции каде што има голема конкуренција. Но, веќе сме во координација со универзитетите. Тоа нема да биде проблем за нив бидејќи сите имале претходни искуства. На некои од нив, како на Факултетот за драмски уметности или на Архитектонскиот факултет, вакви приемни се организираат и без вонредна состојба. Не би било проблем да се реализираат и сега - рече Адеми.

Тоа што сè уште нема одлука за матурата прави незадоволство кај матурантите. Некои се организираа со онлајн-петиција за укинување, дел од нив реагираат на социјалните мрежи, а се обраќаат и до медиумите. И до нашата редакција постојано пристигнуваат прашања за тоа дали ќе има матура, со оглед на тоа што дел од матурантите сакаат да студираат надвор од земјава, па потребна им е оваа информација.

- Ваквата ситуација на неинформираност на учениците и професорите предизвикува голем стрес кај нас, матурантите. Секоја информација ќе биде од голема помош бидејќи во овој момент не знаеме што да правиме - ни напишал еден матурант.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование