По распаѓањето на СССР, на чело со Узбекистан седи само еден човек - Ислам Каримов. Под неговиот режим се забранети критичарите, изборите се лажни, а милиони граѓани принудно работат на полињата со памук. Од една ваква земја доаѓа нова вест поврзана со студентите и образованието.
Имено, претседателот забрани изучување на политичките науки бидејќи „тоа е псевдонаука измислена од западот“. Каримов тврди дека политичкита науки не го земаат предвид моделот на развој на Узбекистан, па затоа не треба да бидат изучувани.
Министерот за образование, Алишер Вехабов, неодамна го потпиша актот во кој се наредува на сите образовни институции да го исфрлат предметот и наместо него да воведат предмет за изградба на демократско општество во Узбекистан. Исто така, министерот наредил да се отстрани и целата литература во која се спомнуваат политичките науки.
Вехабов ја образложува својата забрана и тврди дека „политичките науки не претставуваат наука, не користат научни методи, туку истражуваат теми кои веќе се проучуваат во други науки, а згора на тоа се користи исклучиво западна литература“.
Вреди да се спомене дека владата на Каримов е на власт четирипати по ред, и тоа со 90% од гласовите на изборите.