X
 14.09.2015 Култура

Најважните работи кои треба да ги знаете за Шенгенската зона

Шенгенската зона е подрачјето каде граѓаните може слободно да се движат без контрола на границите освен во вонредни околоности. Таа можност е препознатлива за Европската унија, односно нејзините земји-членки. Меѓутоа, уште колку долго? Германија штотуку објави враќање на граничната контрола на границата со Австрија поради големиот број бегалци кои доаѓаат од земјите во војна, како Сирија и Иран.


Кои држави ја сочинуваат Шенгенската зона?

Во моментов, во зоната се наоѓаат 26 европски земји, од кои 22 се членки на ЕУ, а четири (Исланд, Лихтнштајн, Норвешка и Швајцарија) не се. Велика Британија и Ирска не се дел од зоната, а Бугарија, Романија, Кипар и Хрватска ќе се придружат наскоро.

Кога била создадена зоната?

Просторот започнал да се проширува од 1985 година, откако бил потпишан договор меѓу пет европски влади во градот Шенген во Луксембург. Првите земји кои станале дел од зоната се Белгија, Франција, Германија, Холандија и Луксембург.

Кои се обврските на земјите во зоната?

Шенгенската зона функционира како подрачје на една држава со контроли на границите со земјите кои не се во зоната, но без внатрешни гранични контроли. Секоја земја е задолжена да изврши воздушни гранични контроли, контроли на виза, полициска соработка и заштита на личните податоци.

Кои правила важат во зоната?

Во зоната, сите граѓани може да се движат слободно, без разлика дали се дел од ЕУ или не.

Како може да дојде до повторно воведување на граничната контрола?

Внатрешните граници не би требало да постојат, но земјите имаат можност повторно да воведат вонредни и привремени контроли. Тие мора да бидат оправдани со тешки закани за сигурност или пропусти на надворешните граници кои може да бидат опасност за функционирањето на шенгенската зона.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура