X
 27.03.2018 Технологија

ЕУ се заканува дека ќе го раситни „Гугл“?!


Претставничка од ЕУ
(Фото: European Union)


Европската Унија сериозно размислува да го „раситни“ интернет-пребарувачот на помали компании за да ја намали неговата доминација на интернет.

Барем така тврди Маргрита Вестигер, комесар за пазарен натпревар, во разговор за британскиот весник „Телеграф“.

Имено, откако ЕУ одреди рекордна казна за „Гугл“ во износ од 2,4 милијарди евра за промовирање на своите услуги на сметка на други компании, во Европската комисија ја оставија отворена можноста за раситнување на „Гугл“ во низа помали компании.

Европската комисија е во фаза на осмислување нови работни правила со кои би се регулирала интернет-трговијата, трговијата со апликации и пребарувачи, односно се бара начин нивната работа да стане потранспарентна. Тоа особено се однесува на начинот на кој се рангираат резултатите од пребарувањата и причините зошто се „прикриваат“ некои услуги.

Да потсетиме, „Гугл“ држи 91,5 процент од уделите на пазарот на интернет-пребарувачите во Европа.

Но тоа не е единствениот случај поради кој „Гугл“ е ставен под лупа. Европската Унија детално истражува дали „Гугл“ го искористи своето влијание и им оневозможи на другите производители на апликации да ги инсталираат своите производи на мобилните уреди што користат оперативен систем „Андроид“.

Треба да се напомене дека и ЕУ најави воведување на „дигитален данок“, кој исто така би можел скапо да го чини „Гугл“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија