X
 08.10.2015 Образование

Софтверот досега уловил 503 академски плагијати



Според Законот за научно-истражувачка дејност, софтверот plagijati.mk е задолжителен за сите магистерски, специјалистички и семинарски трудови кои мора да бидат внесени од страна на менторот, односно професорот. Eвиденцијата покажува дека во базата досега има вкупно 19.091 документи, а ако се соберат сите документи во кои има повторување на дел од содржината, излегува дека такви се 503 документи. Со 90-процентно повторување на материјалот има во 31 документ.

- Централната база на податоци на овие трудови, може да се користи за откривање на академски плагијати. Овој тип на база на документи до сега не постоел на централно ниво.​​ Овој софтвер им помага на менторите од базата на трудови полесно да ги најдат документите од кои е превземен некој текст - појаснуваат во Министерството за образование и наука.

Откако софтверот ќе изгенерира извештај, менторот треба да го разгледа тој извештај и да одлучи дали тој труд е плагијат или не. Тоа е алатка која помага во откривање на плагијаторство од огромна база на трудови, но не може со 100 отсто да каже дека некој документ е плагијат или не. Крајната одлука ја носат менторите.

Студентите, велат во министерството, не можат да предадат исти или слични трудови на оние веќе објавени или презентирани од претходните генерации, затоа што оваа алатка многу брзо ги открива таквите случаи.

- Студентите мора да се потрудат да направат нешто ново. Секоја високообразовна институација си има правилник според кој точно се дефинирани критериуми за изработка на трудот и во него е дефинирано како се преземаат цитатите и на кој начин се наведува изворот на преземениот цитат, за да во спротивно, не се смета како појава на плагијаторство - додаваат во министерството.

Типови на документи:

Семинарски 5.277
Книги 185
Магистерски 9.768
Научни Трудови 327
Докторски 1.356
друго 934
Дипломски 1.244
Вкупно: 19.091

Процент на повторување - број на документи:

0 % - 1.953
10 % - 343
20% - 59
30 % - 15
40 % - 12
50 % - 9
60 % - 14
70 % - 8
80 % - 12
90 % - 31
100 % - 218
Подготвил: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование