X
 09.10.2015 Образование

Погледнете кои се најквалитетните училишта во Македонија



Државниот просветен инспекторат (ДПИ) при Министерството за образование и наука, веќе седум години го оценува квалитетот на училиштата во Македонија. Тоа се прави преку интегралната евалуација, а оценката на секое училиште се дава со темелна проверка на седум подрачја: наставни планови и програми, постигања на учениците, учење и настава, поддршка на учениците, училиштна клима, ресурси и управување, како и раководењето со училиштето.

Од просветниот инспекторат за „Факултети.мк” доставија листа на која се наоѓаат осумте најдобри училишта во државава.

НАЈВИСОКА ОЦЕНА Е „МНОГУ ДОБАР”

- Во текот на учебната 2014/15 од страна на Државен просветен инспекторат (ДПИ) извршена е 161 интегрална евалуација, а притоа оценети со највисока оцена се училиштата: „Љубен Лапе“ во Аеродром, „Гоце Делчев“ во Прилеп, „Браќа Миладиновци“ во село Миладиновци, „Наум Охридски” во село Булачани, Гази Баба, потоа „Кирил и Методиј“ во Велес, „Методи Патче“ во Охрид, „Ристо Јурков“ во Кочани како и училиштето „Партенија Зографски” во Скопје - информираат во ДПИ.

Оттаму појаснуваат дека при интегралната евалуација како силни страни костатирани се: зголемена примена на ИКТ во наставата, што е резултат на проектот,,Компјутер за секое дете", потоа зголемен број на ученици кои учествуваат на натпревари организирани од акредитирани здруженија, а зголемена е и реализацијата на часови по физичко воспитување, што според инспекторите, е одраз на изградбата на спортски сали и опремувањето со спротски реквизити.

СО EДИНИЦА СЕ ОЦЕНЕТИ ДВЕ УЧИЛИШТА

- Она на што училиштата треба да посветат повеќе внимание е начинот на избор на изборните предмети, слободните часови и проектните активности. Со најниска оцена оценети се две училишта. При вршење на интегрална евалуација на училиштата им се даваат препораки со цел да се подобри квалитетот на образовниот процес. По шест месеци повторно се врши контрола, со цел да се утврди дали училиштата постапиле по нашите препораки. Од досегашната пракса се констатира дека училиштата ги слушаат нашите препораки и се подобруваат - додаваат во ДПИ.

ТРАДИЦИОНАЛНАТА НАСТАВА СТАНУВА МИНАТО

За споредба, во 2013 година, пак, при инспекциските надзори за интегралната евалуација кои биле спроведени, најчесто се јавувале следниве недостатоци во училиштата: традиционална настава, недоволно користење на ИКТ во наставниот процес, несоодветен наставен кадар, а четири отсто од наставниците не доставиле планирања до раководниот кадар на училиштето.

Исто така, постапката за избор на изборни предмети, проектни активности и слободни часови не се вршела согласно насоките, туку се задоволувале потребите на наставниците (не се анкетирале ученици што сакаат да учат, туку кој наставник нема доволно часови), за што Државниот просветен инспекторат издавал препораки и решенија.

Училишта со највисока оценка:

1. OOУ„Љубен Лапе“ - Аеродром, Скопје
2. ООУ „Гоце Делчев“ - Прилеп
3. ОУ „Браќа Миладиновци“ - с. Миладиновци, Илинден
4. ОУ „Наум Охридски" - с. Булачани, Гази Баба
5. ОУ „Кирил и Методиј“ - Велес
6. ОМУ „Методи Патче“ - Охрид
7. ОМУ„Ристо Јурков“ - Кочани
8. ДУЦОР „Партенија Зографски" - Скопје
Подготвил: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование