Иако „емотиконилогијата“ е далеку од тоа да стане посебна гранка на лингвистиката, некаков вид форма од оваа област сепак ќе се изучува во српските училишта - и тоа во рамките на српскиот јазик.
Од наредната учебна година учениците од второ и од шесто одделение ги чекаат помалку лектири и книжевни дела за обработка, а една новост е што и бројот на часови ќе биде посветен на развивање јазично и културно пишување, во што спаѓа и обработувањето на емотиконите.
- Ова не е проблем само кај нас, туку насекаде во светот каде што владее интернетот. Голем број часови ќе бидат посветени на развивање на јазичната култура и културата на пишувањето и обработувањето на емотиконите во вистински зборови - изјави заменик-директорката на Заводот за унапредување на образованието и воспитанието, Дејана Милиќ-Субиќ.
Таа додава дека повеќе не е доволно да се каже само LOL (кратенка од „Laughing Out Loud“) или „хаос“, туку е потребно со зборови да се објасни што е доживувањето што стои зад тоа.
Фото: ВВС
Но, наставничката Светлана Медар, која предава српски јазик, има малку различен поглед кон развојот и употребата на јазикот.
- Комуникацијата не може да биде штетна. Тоа што некој не го прави тоа по правила на кои ние сме навикнати не значи дека не е во право - вели Медар и објаснува дека е подобро децата во комуникацијата да користат зборови, да формираат реченици, но исто така е важна и намената на пораката.
- Кога ќе погледнете, ние во усната комуникација ги скратуваме речениците, формираме нецелосни реченици - тоа се други услови во кои се одвива комуникацијата - додава таа.
Што сѐ може да се каже со помош на емотикони?
Емотиконите почнаа да владеат со нашите тастатури. Толку се популарни што во 2017 година за нив беше снимен долгометражен анимиран филм, кој заработи 217 милиони долари.
Без оглед дали сме зафатени или не, често во комуникацијата, своите мислења, ставови, одлуки ги изразуваме преку минијатурни слики.
- Јазикот е жива материја, а природата на јазикот е еден факт што не треба да се игнорира - вели Медар.
Но, како просветните работници можат да помогнат при разбирањето и користењето на дигиталните замени за емоциите?
- Идејата е децата да станат писмени и да ги користат емотиконите, односно да знаат да ги користат на вистински начин.
Културата и начинот на живот се променети во последната деценија, истакнува Медар и додава дека јазикот тоа мора да го следи.
- Треба да образоваме деца кои ќе бидат способни да создаваат и да работат во повеќе области. Јазикот е сигурно област во која може да се креира и создава.
Јазикот во чекор со технологијата
Медар истакнува дека кај повеќето деца моментално постои проблем со фондот на зборови.
- Ако направите еден пресек, ќе видите дека тоа е скромно за нивната возраст. Но, иако ги занемаруваат јазикот и таквата комуникација, децата ги развиваат и дополнуваат своите знаења во други области. Погледнете го, да речеме „Јутјуб“ и како децата го поминуваат своето време. Ќе видите дека тие всушност креираат во мултимедија - вели Медар.
Комбинацијата на јазикот и технологијата е совршена формула за успех во понатамошното образование, но според Медар, наставниот кадар во Србија не е доволно обучен за следење на технологиите на исто ниво како и децата.
- Јас би била пресреќна во сите
училишта да постојат услови и наставниците да се оспособени да ја користат технологијата на вистински начин - вели Медар.