Како што и претходно беше најавено, на сите граѓани на земјите од Западниот Балкан, од 1 јануари 2016 година, ќе им биде полесно да се вработат во Германија.
Имено, како што објави Федералната канцеларија за миграции и бегалци, за да им се олесни вработувањето во Германија на граѓаните од Западниот Балкан, тие во нивната матична земја можат да аплицираат за дозвола за престој во амбасадите на Германија. Така, земјите како Македонија, Босна, Албанија, Косово, Црна Гора и Србија можат да аплицираат за работа во Германија.
Ако станува збор за луѓе кои веќе живеат во Германија и бараат азил, овие луѓе после 1 ноември 2015 година ќе мораат да ја напуштат Германија.
Предуслови
Луѓето можат да аплицираат во нивната матична земја за дозвола за престој. Предуслови се: нопходно е да имаат конкретна, обврзувачка понуда за вработување на работно место во Германија; платата не смее да биде помала од онаа на другите работодавци на слични работни места; треба да нема луѓе од Германија или Европската Унија кои би биле на располагање за тоа слободно работно место.
Голем проблем
Со проблемот со исселувањето на младите високообразовни луѓе во последните години се борат сите земји во регионот, особено во нашата земја. Неможноста да се вработат, безнадежноста, очајот, корупцијата, криминалот и непотизмот ги тера луѓето да ја напуштат земјата и земјите во регионот.
За жал овој тренд нема да се промени и во следната година. Кога станува збор за дефицитарни професии во Германија, ситуацијата е слична како и во претходните години - голема е побарувачката во здравството и градежништвото. Всушност, Германија бара медицински персонал со средно образование или виша школа (медицински сестри) но и високообразовен кадар, односно доктори. Со тоа, чести се конкурсите за работни места во индустријата на металот, трговијата, транспортот и логистиката. Се бараат и инженерски техничари, автомобилски техничари, електричари, медицински сестри, машински заварувачи итн.
Минималната саатница 8.5 евра
Германската министерка за труд Андреа Нахлес вели дека минималната саатница во оваа земја е 8.50 евра бруто, односно околу 7.3 евра нето. Кога станува збор за облека и обувки, поради големиот број на трговски синџири на продавници и мали продавници, работите и храната се поевтини и од кај нас.