X
 27.02.2024 Живот

Образованието во Словенија ги исполнува очекувањата на нашите млади

Словенија станува ветена земја за многу наши средношколци и студенти. Ова го потврдуваат и изразеното задоволство и споделените искуства. Пет млади лица одлучија својата академска кариера да ја почнат на некои факултети во Словенија и да споделат лични искуства и чувства од првите неколку месеци во оваа европска земја.

Дваесетгодишната Јана Житаровска од Скопје студира на Факултетот за општествени применети студии во Република Словенија. „Факултетот нуди повеќе насоки и опции, а јас ја одбрав насоката Социјален менаџмент. Се насочив кон патот за студии во странство, во кои опција беше и Словенија. Добивав многу прашања „Зошто? Зошто Словенија?“ Одговорот е бидејќи Словенија првично овозможува бесплатно студирање, подобра едукација, искуство, но и кога станува збор за живот како студент. Тешка е самата помисла дека одиш километри далеку од дома, но искуството е неописливо. Словенија е најдобар избор за студент кој сака да научи повеќе, за некој кој е авантурист. За мене, Словенија е едно големо искуство“, вели Јана, која запиша прва година минатата година.

Нејзината колешка од факултет Миа Кениг пред неколку месеци запишала постдипломски студии на Меѓукултурен менаџмент. „Студиите траат две години и се бесплатни. Факултетот за општествени применети студии нуди комплетни онлајн студии и долго размислував дали да останам во Македонија да студирам онлајн, но сакав целосно да ја доживеам Словенија и имав голема желба да го научам јазикот. На крај одлучив да се преселам во Љубљана. Преселбата беше голем предизвик. Отсекогаш имав желба да го искусам животот во некој поголем европски град и сега конечно тоа стана реалност“, објаснува Миа, дипломиран професор по англиски јазик.

Според неа, Љубљана е преубав, чист и живописен мултикултурен град. „Живеам, студирам и работам тука. Како секој студент во Словенија, ја искористив можноста да се вработам преку студентски сервис. Имав голема среќа да се вработам на истиот факултет каде што студирам, како соработничка во студентска служба и во кариерниот центар. Сега им помагам на кандидати при упис на факултетот и тоа го работам со големо задоволство затоа што неодамна самата минав низ истиот процес“, додава Миа.



Миа вели дека никогаш нема да заборави како се чувствувала првата недела кога почнале предавањата. „Иако предавањата траеја 4 часа, професорите со своето знаење и практични информации успеваа да ни го задржат вниманието. На крајот секогаш имав чувство дека поминале само 40 минути. Вработена сум на факултетот нецели 2 месеца, но веќе можам да кажам дека дефинитивно се гледам себеси таму, дури и по 5 до 10 години. Не само како вработена, туку и како студент на една од програмите за докторски студии што ги нуди факултетот. Во Македонија се враќам често, да ги посетам мајка ми и баба ми. Таму секогаш ќе ми биде првиот дом и секогаш ќе се враќам. Но, во блиска иднина се гледам себе во Словенија, во подалечна можеби во некоја друга европска држава каде што ќе имам шанса да запознам нови луѓе од нови различни култури“, завршува Миа.

Гевгеличанецот Александар Марков студира на Факултетот за информатички студии во Ново Место. Тој уште во трета година средно училиште знаел дека Словенија ќе стане негов „втор дом“. „Пред моето дипломирање, благодарение на мојата тетка, имав среќа и чест да го запознам Игор Трајановски од Скопје, кој живее и работи како истражувачот во Ново Место. Тој ми потврди дека мојата одлука е исправна и дека нема да погрешам. Убавите совети и препораки што ми ги даде ме охрабрија уште повеќе, за што сум му многу благодарен. Сѐ што ми кажа околу факултетот, начинот на студирање, бесплатното школување, многубројните поволности кои ги имаат студентите, не само што е точно, туку е и подобро од кажаното и очекуваното. Професорите се полни со разбирање, исполнителни се, начинот на комуникација со нив е непосреден, секогаш се пријателски расположени за консултација со студентите. На почетокот јазикот го чувствував малку како бариера, но професорите имаа разбирање и во тој дел од образовниот процес. Може да се изразам и на англиски и на српски јазик, воопшто не е проблем, што ми е дополнителна мотивација да дадам сѐ од себе и да постигнам многу добри резултати“, објаснува Марков.

Покрај бесплатните студии, тој е воодушевен од Ново Место и од Словенија со нејзините убавини, зеленило, чистота, со културата на месното население, со ефикасноста на институциите кои функционираат беспрекорно. „Овде студентите навистина имаат многу предности и бенефиции. Од бесплатно школување до убави оброци кои ги плаќаме со бонови што ги обезбедува факултетот по многу пониски цени, до попусти во фитнес-сали, користење јавен превоз и слично. Накратко, се пронајдов себеси овде. Задоволен сум од условите и се надевам дека по моето дипломирање ќе останам на мат(g)истерски студии“, додава Марков.



На истиот факултет, на програмата Информатика во современо општество, студира и Стефан Стојановски, студент на прва година на Факултетот за информациски студии во Ново Место. Словенија отсекогаш му била примамлива, често ја посетувал од мал и уште од првото доаѓање знаел дека некогаш ќе живее таму.

„По неколку години работа во Македонија во ИТ-индустријата, дојде време за промена. Се одлучив да го завршам формалното образование во странство. Словенија беше логичен избор бидејќи е земја на која ѝ се восхитувам, со одличен образовен систем и одличен третман на студентите. Поминаа 5 месеци откако сум тука и може да кажам дека помина и првиот шок, напуштање на Македонија, нова средина, нови пријатели, нов јазик, промена на обврските… Секој почеток е стресен, но од ден на ден станува сѐ полесно, се навикнувам на новото секојдневие. Од оваа перспектива тврдам дека одлуката да дојдам тука беше правилен избор. Студиите се бесплатни и нема скриени трошоци, програмите се ажурирани и во тек со новите технологии. Професорите се полни со практично знаење што несебично го споделуваат и се пријателски настроени кон студентите. Во наредните неколку години се гледам себеси во Словенија, никогаш не знаеме што носи иднината, но дефинитивно тука сакам да продолжам да ја градам својата кариера“, вели Стојановски.

И деветнаесетгодишниот Никола Зечевиќ студира на Факултетот за информатички студии, прва година на насоката Компјутерски науки и веб-технологии. „Некаде околу почетокот на втора година средно почнав да се интересирам за моето понатамошно образование. Барајќи низ многуте избори, од факултети до различни курсеви и академии, дојдов до круцијален заклучок дека најверојатно моето високо образование ќе биде надвор од Македонија. Пред околу една година, на првиот апликативен рок поднесов (molba za upis) за овој факултет и за Универзитетот во Ново Место. Бев примен и на двата, но сепак за одлучив за првиот“, вели Зечевиќ.

Тој студира половина година во Словенија, доволен период за да заклучи дека оваа држава навистина се грижи за студентите. „Како студент се добиваат различни привилегии, од студентски бонови за оброци во одредени ресторани до студентски попусти во фитнес-сали, театри, културни центри, работнички предности.... На почетокот ова беше еден огромен предизвик од аспект на оддалечување од своите најблиски, префрлување во нова околина, создавање нови навики и друго. Со текот на времето воочив дека начинот на функционирање ми е многу подобрен. Планирам својот живот и кариера да ги продолжам овде, ако не и во друга држава. Немам интерес, ниту желба да се вратам во Македонија поради тоа што оваа држава ми нуди поголеми можности и поубав живот“, заклучува Зечевиќ.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот