X
 28.04.2018 Наша тема

„Кузман“ се распаѓа, загрозено здравјето и на студентите и на вработените

Факултети.мк ѕирна каков е студентскиот живот во домот „Кузман Јосифовски-Питу“, сместен во центарот на Скопје. Глетката не е убава и е далеку под секаков достоинствен живот

Во влага, мувла, нечистотија, полураспаднати тоалети не живеат само студентите од „Кузман“. Лошо им е и на десетина вработени на кои работниот век им поминал во подземните простории. Додека разговараме со нив, колегата коментира: „Исто вака мириса во рудник. Сум бил...“ Среќа имаат само што не преспиваат таму.

Факултети.мк ѕирна каков е студентскиот живот во домот „Кузман Јосифовски-Питу“, сместен во центарот на Скопје. Глетката не е убава и е далеку под секаков достоинствен живот. Според она што го затекнавме таму, едно е сигурно - здравјето им е загрозено и на студентите и на вработените.

- Почнуваме оддолу, од изворот на главните проблеми – немањето топла вода и греење во зима – вели директорот на студентските домови, Дарио Николовски.



Котларницата, која е во подрумските простории, се распаѓа


Во подрумите е како во рудник

 До подрумските простории доаѓаме по мали тесни скалички од каде што веднаш ве удира остар мирис на влага и прашина. За да не згазнете во вода, треба да скокнете на две циглички, поставени пред вратата која води во подземните простории. Поминуваат пет минути откако влегуваме во котларницата и во канцелариите на хаузмајсторите и веќе немаме воздух. Исто како во рудник.

Т.н. котларница каде што се сместени бојлерите за загревање на водата и системот за греење на водата за парното е приказна за себе. Таму не е сменета ниту шајка откако е отворен домот во 60-тите години. Од три огромни котли, само еден работи.
- Ако се расипе и овој, не знам што ќе правиме. Ова тука сѐ е старо повеќе од 50 години, што да се очекува – ни вели еден од работниците.




Зошто студентите во 21 век често немаат топла вода или воопшто немаат вода? Тука лежи одговорот. И при најмал дефект водата мора да се сопре. А такви се случуваат многу често. Водата што се загрева во овој котел служи за одржување на хигиената на студентите, за подготовка на храната, за перење.

Големата просторија всушност личи на депонија за старо железо. ’Рѓосани цевки од кои капе вода, црни и гнасни подови... Од таванот, на оние места каде што е излупен малтерот, ѕиркаат трските...

Во една помала просторија е сместен и котелот каде што се загрева водата за парното. Се расипал пред некоја година, ни објаснува вработениот. Ама не го направиле како што треба, па сега, кога надвор е -20, нема капацитет да грее со полна пареа. Затоа парното во собите на студентите e млако.

- Ако уште еднаш се расипе, ни нема спас - вели еден од хаузмајсторите.

Во пералницата работи една машина, онаа што собира најмалку алишта



Машината за алишта во пералницата

И во пералницата не работат сите машини за перење. Во функција е само една. И тоа баш онаа што собира најмалку алишта. Перачките насмеани нѐ пречекуваат, среќни што некој слегол долу да види во какви услови работат.

- Кашламе, имаме здравствени проблеми, но ова ни е работа, што да правиме – велат тие.



 
Низ тесен ходник во кој е оставен шут од којзнае кога одиме во канцелариите на Зоран и Кире, водоводџија и хаузмајстор. Зоран тука работи 10 години, а Кире цели 30. Нивните канцеларии, ако така може да се наречат, тешко се опишуваат со зборови. Прашина, влага, распаднати ѕидови... и се разбира - понекоја фотографија од манекенки од насловните страници на стари списанија. Некои од нив ги кријат дупките на шкафчињата.

И двајцата поправаат сѐ што ќе се расипе во домот, но кој ќе ги поправи условите во кои тие поминуваат по осум часа на ден?

- Триесет години сум поминал тука, и самите гледате дека состојбата е очајна. Пола саат да поминеш тука и нема кислород. Директоре, кога седиме надвор во дворот на клупа, знајте дека сме излегле на воздух - се шегуваат двајцата мајстори со Николовски.

- Знам, знам, не секирајте се - им вели тој.



Реновирањето на домот треба и мора да почне од овие простории бидејќи никој не заслужува да работи во вакви услови, додава директорот.

- Џабе што се варосувало во ходниците, што донеле нов мебел во овој дом. Тоа е само шминка, сѐ се распаѓа од влагата – вели Николовски, кој претходно во интервју за Факултети.мк вети дека приоритет ќе биде реновирањето на сите домови.

Тоалетите во „Кузман“ се најцрната точка

Ако се прашувате зошто не е вкусна студентската храна, еве го одговорот:

- Трипати го вадам компирот и го ставам во различни рерни за да се допече. Стари се 22 години. Плотната не работи, а треба три оброци да подготвиме за студентите – вели една од готвачките.


Таа и нејзините колешки секој ден во оваа кујна подготвуваат храна за 500 студенти.

Шефицата Даниела Стојановска вели дека е потребна нова опрема во кујната, како и дополнителен кадар.

Студентите, пак, најмногу се жалат на храната во домот и на тоалетите, кои ги има на секој кат. Собите сами си ги уредуваат и секоја е средена во зависност од можностите на студентите.

- Варосуваме, средуваме. Мебел има, ама и сами гледате дека собите се мали. Најголем проблем се тоалетите, не се реновирани којзнае од кога. Нема врати на туш-кабините, нема чешми – вели еден студент.

Непријатна миризба се шири на секој кат кога ќе се доближите до вратата на тоалетот. На двете крила од секој кат има по еден тоалет. Хигиената е на ужасно ниво. Целиот дом го одржуваат само пет хигиеничарки.







- Не велам дека студентите не се виновни за нехигиената. Не внимаваат. Но, ова е сѐ старо и никакво, мувлосано и ’рѓосано. Покривот над тоалетите на седми кат само што не паднал – ни вели студентка од Битола, која ни покажа како изгледа нејзината соба. Ја варосале со цимерката, ставиле завеси, залепиле постери. 

- Има соби во кои има влага, но сепак сами си ги уредуваме и средуваме. Ако се средат тоалетите, ходниците, малку да се повнимава на храната, нема да ни биде лошо. Има тука и убави моменти, дружба со многу пријатели – вели таа.

Студенти без домашно воспитание

Ходниците во „Кузман“ се варосани само до вториот кат. Дел од нив се веќе исчкртани со пораки од студентите. Нагоре, се распаѓаат ѕидовите. Ѕирнавме и од една од терасите. Ѓубрето фрлено на натстрешниците на дел од балконите сведочи за тоа дека на некои студенти им недостига домашно воспитание.

- Не ги разбирам, тука живеат, ова е нивен дом, ама секакви има. Ги мрзи да го остават ѓубрето во кантите. Лифтовите се нови, а погледнете како се исчкртани и изгребани – вели еден од вработените во домот.




Го напуштаме „Кузман“ со неверување за тоа што го затекнавме таму. За крај прашуваме дел од вработените и од студентите дали воопшто вреди да се реновира оваа зграда? Повеќето сметаат дека е подобро да се изгради комплетно нов дом.

- Ќе се фрлат парите за реновирање, ќе чини многу повеќе. Домот беше дополнително оштетен од последниот земјотрес. И тоа треба да се има на ум – велат вработените.

Погледнете каде живее иднината на Македонија:






Фотографија: Радован Вујовиќ
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема