X
 17.11.2015 Живот

Македонија заслужува да биде нација без дискриминација

Комисијата за заштита од дискриминација заедно со ХЕРА - Асоцијација за здравствена едукација и истражување и коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, денес, на 17 ноември 2015 година, во ЕУ-инфоцентарот организираше промотивен настан за промоција на видеоспотот ,,За нација без дискриминација“.



Целта на настанот беше информирање за резултатите од работата на Комисијата за заштита од дискриминација во 2015 година согласно со реализацијата на проектот ,,Зајакнување на владеењето на правото за заедницата на ЛГБТ-граѓаните“, во соработка со ХЕРА - Асоцијација за здравствена едукација и истражување и коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, а е поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија.

Комисијата со поддршка на невладините организации активно работи на подигање на свеста кај сите граѓани, со цел намалување на дискриминацијата по сите различни основи, особено на бришење на сликата што со години е создавана за лицата со различна сексуална ориентација, како и создавање култура на почитување на човековите права, еднаквоста, толеранцијата и зголемување на ефикасната правна заштита.

„Оваа кампања е од особено значење како за работата на Комисијата, така и за лицата со различна сексуална ориентација, кои сакаме да ги охрабриме да поднесуваат претставки за дискриминација и сите заедно да пристапиме кон борба за елиминирање на стигмата и дискриминацијата кон ЛГБТ-лицата, бидејќи само така можеме да постигнеме еднакво и толерантно општество во кое ги прифаќаме и ги славиме разликите. Веруваме дека оваа кампања ќе придонесе кон зголемување на бројот на претставките за дискриминација кон ЛГБТ-лицата, а од друга страна ќе ги освести сите оние што намерно, ненамерно или скриено ги дискриминираат лицата со различна сексуална ориентација“, изјави Душко Миновски, претседател на Комисијата за заштита од дискриминација.

Покрај видеоспотот, на овој настан беше промовиран и Протоколот за утврдување на постапката во случаи на заштита од дискриминација врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, кој Комисијата го усвои согласно со проектот „Зајакнување на владеењето на правото за заедницата на ЛГБТ-граѓаните“, а со тоа, Комисијата за заштита од дискриминација обезбедува документ со чија помош ќе се олесни и ќе се забрза процесот, како и ефикасноста при решавањето на случаите за дискриминација врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет.

„Врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, во периодот од јануари 2011 до декември 2014 до Комисијата пристигнаа вкупно 18 претставки. Повеќето претставки беа поднесени од правни лица, односно здруженија на граѓани. Утврдени се дискриминација и вознемирување во 4 случаи, во 9 случаи не е утврдена дискриминација, а во 3 случаи не се поведе постапка согласно со ЗСЗД“, додаде Миновски.

Комисијата го дополни формуларот за поднесување претставка вклучувајќи ја и сексуалната ориентација како основа за дискриминација. Од оваа година Комисијата на својата веб-страница воспостави онлајн-образец за поднесување претставки за дискриминација и ги охрабрува сите граѓани да пријавуваат дискриминација врз основа на сексуалната ориентација 24/7, во што ќе им помогне и Протоколот како постапка за во случаи на дискриминација.

Почитувањето на човековите права и слободи, недискриминацијата и еднаквоста се основни вредности на едно демократско и современо општество. Заштитата од дискриминацијата претставува темелник во македонскиот правен систем, воспоставен со Уставот, а дефиниран со Законот за спречување и заштита од дискриминација, која се спроведува и со помош на меѓународни документи што Македонија е обврзана да ги почитува, а се засноваат на Универзалната декларација за човековите права на ОН, како прв документ што ја поставува потребата од еднаквост како суштински предуслов за ползување на човековите права.

Онлајн-образец за поднесување претставки: http://www.kzd.mk/mk/kontakt/online-prijava

Протоколот за утврдување на постапката за во случаи на заштита од дискриминација во електронска форма ќе го најдете на следниот линк: http://www.kzd.mk/mk/dokumenti

ТВ-спотот ,,За нација без дискриминација

 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот