X
 06.03.2019 Живот

Најзагадените градови во светот - на кое место се наоѓаат македонските градови?

Гуруграм, предградие на главниот град на Индија, Њу Делхи, е најзагадениот дел во светот според „Гринпис“ и „Ејрвижуал“, со просечен индекс за квалитет на воздухот од 135,8 во 2018 година - речиси трипати поголем од нивото што се смета дека е здраво, препорачано од Американската агенцијата за заштита на животната средина.

Во два месеца од минатата година индексот за квалитет на воздухот во Гуруграм, мерен со нивото на PM 2,5, бил над 200. Агенцијата за заштита на животната средина го смета ова за многу нездраво и предупредува дека секој може да почувствува посериозни ефекти врз здравјето ако е изложен.

Според извештајот, загадувањето на воздухот наредната година ќе предизвика околу 7 милиони предвремени смртни случаи на глобално ниво и ќе има големо економско влијание.

- Загадувањето на воздухот ги краде нашите животи и иднини - изјави извршниот директор на „Гринпис“, Еб Сано.

2
Фото: Air Visual


- Покрај изгубените човечки животи, проценетата глобална цена е 225 милијарди долари загубена човечка работна рака и билиони за медицински трошоци. Ова има огромно влијание врз нашето здравје и нашите паричници - додаде тој.

Проблемот е особено изразен во Јужна Азија. 19 од најзагадените градови во светот се наоѓаат во Индија, Пакистан или во Бангладеш, вклучувајќи ги и главните населени центри во Лахоре, Делхи и Дака, кои се најдоа на 10., 11. и 17. место.

- Климатските промени ги влошија ефектите од загадувањето на воздухот со промена на атмосферските услови и засилување на шумските пожари - се вели во извештајот, притоа истакнувајќи дека глобалното затоплување и согорувањето на фосилните горива се главна причина за лошиот квалитет на воздухот.

- Јасно е дека виновникот низ цел свет е согорувањето на фосилните горива - јаглен, нафта и гас, како и сечењето на нашите шуми - рече Сано.

Додека земјите од Јужна Азија, заедно со Кина, се најлошо погодени, загадувањето на воздухот е глобално прашање. Од 3.000 града што учествувале во извештајот, 64 отсто ги надминале годишните упатства за изложеност на Светската здравствена организација за РМ2,5 честичките.

PM2,5 честичките вклучуваат загадувачи како сулфат, нитрат и црн јаглен, кои можат да навлезат длабоко во белите дробови и кардиоваскуларниот систем. Изложеноста на таквите честички е поврзана со нарушувања на белите дробови и срцето и може да ги наруши когнитивните функции и функциите на имунитетот.

Секој град од Блискиот Исток и Африка, вклучен во извештајот, ги надминал упатствата на СЗО за PM2,5 честички. Исто така, 99 отсто од градовите во Јужна Азија, 95 отсто од градовите во Југоисточна Азија и 89 отсто од Источна Азија ги надминале упатствата.

- Бидејќи многу области немаат ажурирани информации за квалитетот на јавниот воздух и поради оваа причина не се претставени во овој извештај, се очекува вкупниот број на градови што го надминуваат прагот на СЗО за PM2,5 честичките да е многу поголем – се вели во извештајот.

Една светла точка во извештајот беше Кина, некогашен предводник на урбаното загадување на воздухот. Извештајот констатирал дека просечните концентрации на загадувачи опаднале во кинеските градови за 12 отсто од 2017 до 2018 година, додека главниот град Пекинг повеќе не е во првите 100 најзагадени градови, по заедничките напори да се доведе загадувањето на воздухот под контрола.

Најзагадениот град во Кина за 2018 година, според извештајот, е Хотан. Баодинг, кој беше рангиран меѓу најлошите во Кина, сега се наоѓа на 33. место.

И додека Кина забележа подобрување, многу соседни земји претрпеа зголемување на загадувањето, вклучувајќи ги Индонезија, Јужна Кореја, Виетнам и Тајланд. Во јануари властите во Бангкок ангажирале авиони со специјални способности за создавање дожд - техника позната како „сеење облаци“ - за да го намалат загадувањето во главниот град на Тајланд. Истиот месец градовите низ Јужна Кореја, Индија и Кина известија за поголемо загадување на воздухот.

Според извештајот, најзагаден град во Македонија е Тетово. На второ место се најде Куманово, на трето Битола и на четврто место Скопје.

mk
Фото: Printscreen


Кога станува збор за севкупното рангирање, од над 3.000 града, Тетово се најде на 169. место.

Целосниот извештај можете да го погледнете ТУКА.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот