X
 17.09.2024 Економија

Во 2022 година 2,6% од компаниите во Македонија биле странски филијали кои реализирале 40,4% од вкупниот промет

Во 2022 година 1.727, или 2,6% од вкупниот број активни пазарноориентирани претпријатија (67.296) во рамките на набљудуваните сектори биле странски филијали – домашни претпријатија контролирани од странство. Тие ангажирале 20,9% од вкупно вработените, реализирале 40,4% од вкупниот промет, односно 32,9% од вкупната бруто-додадена вредност во набљудуваниот опфат, што укажува на нивното значително влијание врз домашната економија, соопшти Државниот завод за статистика.

Оттаму додаваат дека најмногубројни се оние во секторот трговија на големо и на мало и поправка на моторни возила (30%). Најголем дел од вработените, околу 74,9%, биле ангажирани од секторите преработувачка индустрија (52,2%), трговија на големо и мало (12,4%) и информации и комуникации (10,3%).

Најголем придонес во додадената вредност на странските филијали имал секторот индустрија со 51,5% (преработувачката индустрија со 37,2%, вадењето руда и камен со 6,8% и енергијата со 7,4%), потоа информации и комуникации со учество од 16,9% и трговија на големо и на мало и поправка на возила со 13,3%.

Странските филијали се контролирани, главно, од европските земји (80,7%). Земјите членки на ЕУ контролираат 57,6% од странските филијали, во кои се ангажирани 66,7% од вработените и учествуваат со 65,1% во додадената вредност.

Економски најважните странски филијали се под контрола на Австрија со учество во додадената вредност од 16,6%, Холандија со 12%, Обединетото Кралство со 10,6% и Германија со 9,6%. Нивното учество во вкупната додадена вредност на домашната економија) изнесува 16,1%, што значи дека вкупната додадена вредност е во толкава мера под контрола на претпријатијата со мнозински странски капитал.

Фото: ДЗС

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија