X
 12.09.2023 Живот

Третина од Швајцарците ги промениле навиките поради протестите на Грета Тунберг

Студија спроведена на Швајцарскиот федерален институт за технологија го истражувала влијанието на протестите што ги започна Грета Тунберг, а резултатите се охрабрувачки. Третина од анкетираните Швајцарци изјавиле дека ги промениле навиките поврзани со транспортот, купувањето и рециклирањето.

„Петоци за иднина“ (Fridays for future) е глобално движење за борба против климатските промени што го започна Грета Тунберг во 2018 година. Грета реши секој петок да излезе од училиште како протест за да ги поттикне политичарите да дејствуваат против климатската криза. Следната година тоа движење стана глобален феномен во кој беа вклучени околу 4 милиони ученици од 150 земји. Во јуни оваа година Грета заврши средно училиште, но нејзината мисија продолжува во училиштата низ светот.

За да го истражи поширокото влијание на протестите, Швајцарскиот федерален институт за технологија спровел истражување на швајцарски жители за тоа како нивниот животен стил се сменил од протестите во октомври и ноември 2019 година. Повеќе од 1.200 луѓе на возраст од 18 до 74 години, кои не учествувале на протестите, одговарале на прашања за нивните еколошки навики.


Фото: Грета Тунберг/Wikipedia

Резултатите покажуваат дека повеќето од учесниците имаат позитивен став кон Грета и нејзиното движење, а 30 отсто од нив го промениле начинот на живот по протестите.

- Нашето истражување покажа дека луѓето станаа посвесни за тоа како нивното однесување влијае врз околината и дека се случуваат значајни промени на индивидуално ниво - вели Ливија Фриц, истражувач и главен автор на студијата.

Испитаниците изјавиле дека најголеми промени имало во користењето на транспортот, купувањето и рециклирањето. Повеќето од нив почнале да одат на работа со велосипед, пеш или со јавен превоз, а избегнувале и летање со авион. Испитаниците, исто така, изјавиле дека бараат локална, органска храна, јадат повеќе вегетаријански оброци и вложуваат поголеми напори за намалување на пластиката по климатските протести.

- Истражувањето покажа дека оваа форма на граѓански ангажман преку колективна акција може да има директно влијание врз општеството, потврдувајќи дека таквата акција е оправдана - вели Ливија, додавајќи дека промените на индивидуално ниво може да доведат до пошироки општествени промени, под услов да бидат истовремено поддржани од политичарите.

Извор: Green
Насловна фотографија: Wikipedia
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот